Папата: Бракот е реалност за сите крстени верници
„Црквата продолжува да го претставува бракот, во неговите основни елементи, не како идеал за малкумина, туку како реалност, која со Христовата благодат, може да биде живеена од сите крстени верници.
Затоа е потребна една поголема подготовка, еден нов катекуменат“. Ова го истакна папата Фрањо во својот говор пред членовите – вработени, адвокати и судии – во Судот на Римската Рота, во традиционалната аудиенција на отворањето на новата судска година. Папата ги повика членовите на Римската Рота да ги проценуваат внимателно грешките кои влијаат врз светотаинството на бракот“.
Во своето слово Светиот Отец се задржа на последните две Епископски синоди, посветени на семејството и потсети дека преку нив Црквата му посочи на светот дека не може да постои конфузија помеѓу семејството посакувано од Бог и некаков друг вид на заедница“.
Папата потсети дека Римската Рота е „Семеен суд“ но исто така и „Суд на вистината за светиот сојуз на бракот“, два „аспекта кои взаемно се надополнуваат“, бидејќи мисијата на Црквата е да ја покажува „милосрдната љубов на Бог кон семејствата, особено кон повредените семејства од гревот и животните искушенија, но истовремено и да им ја проповеда неотповикливата вистина за бракот според Божја промисла“.
Затоа – рече Папата – „Црквата, преку служењето на Римската Рота, има за цел да ја покаже вистината за бракот во конкретниот случај, за доброто на верниците, но истовремено не може да заборави дека оние кои живеат – по свој избор или поради различни околности – во објективна состојба на грев, продолжуваат да бидат предмет на милосрдната љубов на Христос и поради таа причина и на самата Црква“.
Семејството засновано на неразрешливиот, обединувачки и насочен кон прокреација, брак, припаѓа на Бог и на неговата Црква за спасението на човештвото, објасни папата Фрањо. Светиот Отец потсети дека „Бог посака да ги направи сопружниците учесници во неговата љубов: на личната љубов, која Тој ја има за секој еден од нив и за која ги повикува да си помагаат и да се даруваат меѓусебно, за да стигнат до полнотата на својот личен живот; на љубовта што Тој ја има за човештвото и сите свои чеда, и поради која сака да ги умножи синовите човечки и да ги направи учесници во неговиот живот и вечната радост“.
Семејството – додаде Папата – „е домашна црква, а семејниот дух е Уставот за Црквата: така христијанството треба да се претставува и така треба да биде“. Папата Фрањо истакна дека „Црквата знае дека меѓу христијаните некои имаат силна вера, оформена од милосрдието, вдлабната од добра веронаука и поткрепена со молитвата и таинствата, додека други имаат слаба вера, запоставувана, разобличена или заборавена“.
Папата Фрањо заврши, истакнувајќи дека „Црквата со обновено чувство на одговорност продолжува да го нуди бракот, во неговите основни елементи – потомство, доброто на сопружниците, единство, неразрешливост, светотаинственост – не како идеал за малкумина, покрај современите модели насочени кон менливост и преодност, туку како реалност, која во благодатта Христова, може да биде живеена од сите крстени верници“.
РВ/В.Н.