Папата: Божјото создание не е бојно поле за животно важни ресурси

Папата: Божјото создание не е бојно поле за животно важни ресурси

Во своето Послание за 10. Светски ден на молитва за грижа за созданието, папата Лав XIV се повикува на енцикликата Laudato si’ на папата Фрањо, осудувајќи ја еколошката и социјалната неправда, истакнувајќи дека Божјото создание не е наменето да биде бојно поле за животно важни ресурси.

Додека Црквата се подготвува да го одбележи 10. Светски ден на молитва за грижа за созданието (1 септември 2025), папата Лав XIV во своето послание ги повикува христијаните и сите луѓе со добра волја да ја препознаат итната потреба од еколошка и социјална правда во свет кој сѐ повеќе е обележан со климатски промени, конфликти и нееднаквост.

Посланието, објавено на 2 јули и насловено Семе на мир и надеж, е во духот на тековната Јубилејна година, ги повикува верниците да ја прифатат својата улога како „ходочесници на надежта“ и чувари на Божјото создание.

Повикувајќи се на пророчките зборови на Исаија, Папата го повикува светот да ја замисли преобразбата на денешната „исушена и пуста пустина“ во „плодно поле“. Ова библиско видение, објаснува тој, не е поетска метафора, туку итен повик на одговор во светлина на алармантната еколошка и хуманитарна криза.

Природата како бојно поле

Повикувајќи се на енцикликата Laudato si’ по повод нејзината десетгодишнина, Папата пишува: „Неправдите, прекршувањето на меѓународното право и на правата на народите, големите нееднаквости и алчноста што ги поттикнуваат, доведуваат до дефорестација, загадување и губење на биодиверзитетот.“

Поврзувајќи го уништувањето на животната средина со експлоатацијата на сиромашните и маргинализираните, тој ја истакнува болката на домородните заедници и растечката нееднаквост меѓу богати и сиромашни како белези на систем што ја третира природата не како заеднички дом, туку како роба за трговија.

Тој изразува жалење што природата станала „предмет на пазарно договарање“, подложена на политики што го претпочитаат профитот пред луѓето и планетата. Од земјоделски полиња загадени со мини до конфликти околу вода и природни ресурси, Папата исцртува тажна слика на созданието претворено во бојно поле за доминација и контрола.

Овие рани, вели тој, се „плод на гревот“, предавство на библиската заповед не да се владее над созданието, туку да се „обработува и чува“ (сп. Постанок 2,15), повик на одговорна грижа, а не на експлоатација.

Еколошката правда – морален императив

Посланието го потврдува определбата на Црквата за т.н. „целосна екологија“ – концепт во срцето на Laudato si’. Еколошката правда, подвлекува Светиот Отец, не е апстрактна или споредна грижа, туку „должност што произлегува од верата“.

„За верниците,“ пишува тој, „универзумот го отсликува лицето на Исус Христос, преку кого сè е создадено и обновено.“ Во оваа светлина, грижата за планетата станува не само еколошка потреба, туку и длабоко духовна и морална мисија.

Семиња што носат плод

Охрабрувајќи на конкретна акција, папата Лав повикува на истрајност и љубов при сеeњето на „семето на правда“, кои со текот на времето ќе родат плодови на мир. Како пример го наведува проектот Borgo Laudato Si’ во Кастел Гандолфо, каде образованието и заедничкиот живот, втемелени во еколошки вредности, градат праведна и надежна иднина.

„Ова можеби ќе трае со години,“ признава Папата, „но тоа се години на цел еко-систем составен од верност, соработка, постојаност и љубов.“

Благослов за иднината

Завршувајќи со молитва за излевање на Божјиот Дух, Папата моли надежта на воскреснатиот Христос да биде водилка за светот жеден за исцеление.

Laudato si’ и понатаму нека нѐ вдахновува,“ пишува тој, „и целосната екологија нека биде уште повеќе препознаена како вистинскиот пат по кој треба да се оди.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот