Папата: Божјата љубов е бесплатна

Треба да се чуваме од закониците кои ги стеснуваат Божјите хоризонти и Неговата љубов ја прават мала – рече во проповедта папата Фрањо на светата Литургија на 15 октомври во домот Света Марта во која зборуваше за заповедта на љубовта и искушението на желбата за следење на спасението.

Една од работите која на сите нас христијаните ни е најтешка е да ја сфатиме бесплатноста на спасението преку Исус Христос – рече Светиот Отец истакнувајќи дека свети Павле имал големи тешкотии настојувајќи да направи луѓето од неговото време да сфатат дека „бесплатноста на спасението“ е вистинската наука. Навикнати сме да слушнеме дека Исус е Божји Син Кој дошол од љубов за да нè спаси и Кој умрел за нас. Тоа толку пати сме го слушнале така што сме се навикнале на тоа – повтори Папата и додаде – Кога ќе влеземе во Божјото таинство и безграничната љубов остануваме восхитени и можеби тоа и не го сфаќаме. Да го правиме тоа што Исус ни го вели да го правиме, тоа е добро и треба тоа да се направи; Но тоа е мојот одговор на спасението кое е бесплатно, кое доаѓа од бесплатната Божја љубов – рече Папата.

Изгледа дека Исус и малку е лут на тие законици бидејќи им упатува остри зборови: „Тешко вам законици оти го зедовте клучот на познанието; сами не влеговте, а и на оние што сакат да влезат им попречивте – рече Светиот Отец наведувајќи ги зборовите од Евангелието и додаде – Го зедовте клучот на бесплатноста на спасението. Тие законици само мислеле дека е можно да се спасиш почитувајќи ги сите заповеди, а кој тоа не го правел, тој бил осуден. На тој начин ги ограничувале Божјите хоризонти, а Божјата љубов ја правеле мала според мерката на секого од нас. Тоа е – додаде – борба која Исус и Павле ја воделе за да ја сочуваат науката.

Секако постојат заповеди но резимето на сето тоа е „љубете Го Бог и љубете го ближниот“ – рече Светиот Отец и истакна дека со тоа однесување на љубовта сме на висината на бесплатноста на спасението, бидејќи љубовта е бесплатна. Ако велат те сакам, но зад тоа постои некој мој интерес тоа не е љубов, тоа тогаш е интерес – предупреди Папата. Заради тоа Исус вели: Најголемата заповед е ова: љубете Го Бог со целиот свој живот, со целото свое срце, со целата своја сила, а ближниот како самиот себе.

Таа е единствена заповед која е на висината на бесплатноста на Божјото спасение – истакна папата Фрањо и рече дека е извор на љубовта; хоризонотот е љубов. Ако си ја затворил вратата и си го однел клучот на љубовта нема да бидеш дораснат за бесплатноста на спасението кое си го примил. Таа борба за надзор на спасението, односно уверување дека се спасуваат само оние кои ги прават тие работи не завршила со Исус и Павле – рече Светиот Отец.

Потсетувајќи потоа дека оваа година се слави 500 годишнина од раѓањето на света Тереза Авилска чиј литургиски спомен се слави токму на овој ден, Папата нагласи дека таа била мистичарка, жена која Господ и дал милост да ги сфати хоризонтите на љубовта. И нејзе и суделе книжниците во нејзиното време – рече Светиот Отец и истакна – Колку светци биле прогонувани заради љубовта, заради бесплатноста на спасението, заради науката. Имало многу, да се сетиме на Ивана Орлеанка – потсети Папата.

Таа борба не е завршена; тоа е борбата која ја носиме во себе. Затоа ќе биде добро да се запрашаме денес: верувам ли дека Господ бесплатно ме спаси? Верувам ли дека не заслужувам спасение? А ако нешто заслужувам, верувам ли дека тоа е преку Исус Христос и преку она што Тој го направи за мене? – рече Папата и поттикна денес да си поставиме тие прашања, бидејќи – како што рече – само така ќе бидеме верни на таа милосрдна љубов: љубовта на татко и мајка, бидејќи и Бог вели дека Он за нас е како мајка. Љубовта, големите хоризонти без граници, без ограничувања на таа љубов – истакна на крајот папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот