Папата: Библијата да се користи често како мобилните?

Папата: Библијата да се користи често како мобилните?

Што би се случило кога кон Библијата би се однесувале како кон својот мобилен телефон? – праша папата Фрањо за време на пладневниот наговор на 5 март 2017 година на плоштадот Свети Петар.

Светиот Отец се осврна на денешното Евангелие во кое го гледаме Исус кој поминува четириесет дена во пустината и кој е искушуван од ѓаволот (Мт 4, 1-11).

Папата потсети дека сето тоа се одвива после Исусовото крштение на реката Јордан, а пред почетокот на јавното делување. На Јордан Духот Божји слезе на Него, а Отецот Небесен го нарече „Мојот возљубен Син“ (мт 3, 17). Исус сега е подготвен за почетокот на своето послание и веднаш се соочува со својот непријател – сатаната.

Светиот Отец тогаш се осврна на трите искушенија со кои сатаната сака да го одврати Исус од патот на послушноста и понизноста. Ѓаволот знае дека злото ќе биде поразено и на Исус му предлага лажен директен пат до успехот и славата. Но, Исус ги одбива сите отровни стрели на злото со штитот на Божјото Слово кое ја изразува волјата на Отецот. И така Синот полн со силата на Светиот Дух, излегува од пустината како победник.

За време на четириесетте дена на Великиот пост – рече Папата – како христијани сме повикани да ги следиме Исусовите стапки и со помош на силата на Божјото Слово да водиме духовна битка против злото. Светиот Отец истакна дека за тоа е потребно да се запознае Библијата: треба да се чита, да се размислува, да се усвои. Библијата го содржи Божјото Слово кое секогаш е актуелно и делотворно. Папата Фрањо се присети дека некој еднаш кажал: „Што би се случило кога кон Библијата би се однесувале како кон својот мобилен телефон? Кога секогаш би ја носеле со себе? Ако се враќаме назад по неа, ако сме ја заборавиле? Ако ја отвораме повеќе пати дневно? Кога Божјите пораки во Библијата ги читаме како што ги читаме пораките на мобилниот телефон…“

„Кога Божјото Слово секогаш го имаме во срцето“, продолжи Папата, „никакво искушение не може да нѐ раздели од Бог и никаква пречка не би можела да нѐ одврати од патот на доброто; ќе знаеме да ги надминуваме секојдневните шепоти на злото кое е во нас и надвор од нас; ќе бидеме поспособни да живееме воскреснат живот преку Духот, прифаќајќи и љубејќи ги своите браќа, посебно оние најранливите и оние во потреба, па дури и нашите непријатели,“ рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот