Папата: Болниот крик на мигрантите се воздигнува до Господ

Папата: Болниот крик на мигрантите се воздигнува до Господ

Во четврток, на 19 октомври, на плоштадот Свети Петар се одржа молитвена средба, предводена од папата Фрањо во присуство на учесниците на Синодата, а беше посветена на оние кои ги загубија животите на различни миграциски рути, нивните семејства, оние кои преживеаја и на сите бегалци и мигранти кои сè уште се на пат. „Потребно е да се умножат напорите во борбата против криминалните мрежи, да се посочат побезбедните рути и да се работи на проширување на редовните миграциски канали.“

Патиштата по кои минуваат мигрантите мора да бидат безбедни за да не паднат во рацете на криминалните мрежи кои шпекулираат со нив и мора да се направат напори за проширување на редовните миграциски канали, нагласи Папата во своето обраќање на молитвената средба одржана на плоштадот Свети Петар. Папата го одржа својот говор пред споменикот на мигрантите „ Angel Unawares“, скулптура на која се претставени мигранти и бегалци, „мажи и жени од сите возрасти и потекло, меѓу нив и ангелите кои ги водат“, кои ги губат животите на миграциските рути или кои преживуваат, но не им се признава нивното достоинство и нивните права. Сите тие, како и нивните семејства и оние кои сè уште се на пат, се во мислите на учесниците на 16-то редовно генерално собрание на Епископската синода, кои во четвртокот вечерта се собраа во плоштадот Свети Петар на молитва за мигрантите и бегалците која ја предводеше Папата. Поаѓајќи од параболата за добриот Самарјанин, во фокусот на размислувањето на Папата беа опасностите на новите миграциски рути „кои минуваат низ пустини, шуми, реки и мориња“.

Колку браќа и сестри денес се наоѓаат во иста положба како патникот во параболата? Многу! Колку од нив се ограбени, соголени и тепани по пат? Тргнуваат на пат измамени од бескрупулозните трговци со луѓе. Тие потоа се продаваат како роба со која се тргува. Тие се апсат, затвораат, експлоатираат и поробуваат. Тие се понижувани, мачени и силувани. И многу, многу умираат без да стигнат до својата дестинација. Миграциските рути на нашето време се полни со ранети и полумртви мажи и жени, браќа и сестри чиј болен крик се издигнува до лицето на Бога. Често се работи за луѓе кои бегаат од војна и тероризам, на што, за жал, сме сведоци и деновиве.

Сочувството е клучот што ја означува пресвртницата чиј плод е братството.

Како Добриот Самарјанин, така и ние сме повикани да бидеме блиску до сите денешни патници, да им го спасиме животот, да им ги залечиме раните, да им ја олесниме болката. За многумина, за жал, веќе е доцна и можеме само да плачеме на нивните гробови, ако имаат, или гробиштата им е Средоземното Море. Но Господ го знае лицето на секој од нив и не го заборава.

Добриот Самарјанин, помагајќи му на сиромашниот патник, ги исполнува четирите глаголи во кои може накратко да се резимира постапувањето со мигрантите: прими, заштити, промовирај и интегрирај, повтори Папата уште еднаш истакна: Како што миграцијата е критична точка денес, таа може да биде и можност за поинклузивни, поубави, мирни општества.

Сите мора да работиме на тоа патиштата да бидат побезбедни, за денешните патници да не станат жртви на разбојници. Но, подеднакво е неопходно да се умножат напорите во борбата против криминалните мрежи, да се наведат побезбедни рути и да се заложиме за проширување на редовните миграциски канали, рече Папата.

Демографските и економските политики мора да бидат поврзани со миграциските политики, секогаш ставајќи ги најранливите во центарот. Дополнително, неопходно е да се промовира заеднички и соодговорен пристап во управувањето со миграциските текови, кој, се чини, ќе се зголеми во наредните години. На крајот, Папата ги замоли сите да ја изразат својата блискост со мигрантите и бегалците кои тропаат на нашите врати и поттикна едноминутно молчење во спомен на оние кои ги загубија животите на различни миграциски рути.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот