Надежите на Лав XIV во врска со двете тековни војни и целите на „меката дипломатија“ на Светиот Престол, насочени за решавање на кризите преку дијалог, а не преку војна, беа изразени пред новинарите по неговото пристигнување во Вила Барберини во Кастел Гандолфо. Папата ќе остане таму до вторник, со неколку јавни ангажмани и прослави на 15 и 17 август.
Папата Лав зборуваше за прекин на огнот и мировен договор во Украина, за решавање на хуманитарната криза и гладот во Газа и за ослободување на израелските заложници. Овие цели на „меката дипломатија“ на Светиот Престол за прашања што не се решаваат преку војна, папата Лав XIV ги истакна во среда попладне. Тој ја сподели оваа порака со новинарите по своето пристигнување во Кастел Гандолфо на 13 август 2025 година, каде го поминува вториот дел од летниот одмор до 19 август. Додека ги поздравуваше бројните луѓе дојдени да го пречекаат пред портите на Вила Барберини – неговата резиденција овие денови – Папата одговори на прашања од новинарите за меѓународните актуелни настани.
Секогаш барајте дијалог и дипломатски напори
На прашањето што очекува од претстојниот самит на 15 август меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, Лав XIV одговори: „Секогаш мора да бараме прекин на огнот. Насилството и многуте смртни случаи мора да престанат. Да видиме како ќе се договорат. По сето ова време, која е целта на војната? Секогаш мора да бараме дијалог, дипломатски напори, а не насилство, не оружје.“
На прашањето дали е загрижен за можноста населението од Газа да биде депортирано, Папата рече: „Многу. Хуманитарната криза мора да се реши. Ова не може да продолжи. Го знаеме насилството на тероризмот и им оддаваме почит на бројните загинати, како и на заложниците – тие мора да бидат ослободени. Треба да мислиме и на мнозина што умираат од глад.“
Проблеми што не се решаваат со војна
На крајот, на прашањето што прави Светиот Престол за да ги запре овие и други конфликти, Папата одговори: „Светиот Престол не може да ги запре… но работиме, да речеме, на ‘мека дипломатија’, секогаш поканувајќи и охрабрувајќи за ненасилство, барање на решенија преку дијалог, бидејќи овие проблеми не се решаваат со војна.“
Бог нека им даде мир на сите народи
Претходно, во среда наутро, за време на Генералната аудиенција во салата „Павле VI“, во поздравот до полските ходочесници, Папата го привлече вниманието кон населението во земјите погодени од војна и насилство: „Молете се на Бога да им даде мир на сите народи кои ја доживуваат трагедијата на војната.“ Апелот на Папата беше вдахновен од Свети Максимилијан Марија Колбе, полски фрањевец кој почина во концентрациониот логор Аушвиц, откако доброволно го зазеде местото на татко на семејство осуден на смрт со глад.
Света Литургија и Ангел Господов во Кастел Гандолфо
За време на престојот во резиденцијата Вила Барберини, Лав XIV ќе има неколку јавни славења. Во петок, 15 август, на празникот Успение на Пресвета Богородица, Папата ќе служи света Литургија во 10:00 часот во парохијата „Свети Тома од Виланова“ во Кастел Гандолфо, а во 12:00 часот ќе ја предводи молитвата Ангел Господов од влезот на Апостолската палата, на Пјаца дела Либерта, исто така во Кастел Гандолфо.
Во Албано: Литургија и ручек со сиромашните од Каритас
Во недела, 17 август, во 9:30 часот наутро, Папата Лав XIV ќе служи света Литургија во светилиштето „Санта Марија дела Ротонда“ во Албано Лацијале, заедно со сиромашните на кои им помага Бискупскиот Каритас. Во 12:00 часот повторно ќе ја предводи молитвата Ангел Господов на Пјаца дела Либерта во Кастел Гандолфо. На кратјот, ќе јаде со сиромашните и со оние на кои им помага Каритас, во Борго Лаудато си, во рамките на Папските вили.
Ватикан њуз/к.мк