Три години од изборот на папата Фрањо

Во недела се навршуваат три години од изборот на Хорхе Марија Бергољо на Петровиот престол. И токму таа трета година од понтификатот беше многу интензивна и богата со важни настани, почнувајќи со навестувањето на Јубилејот на милосрдието на 13 март, минатата година.

Отец Ломбарди, директор на Ватиканската прес служба, се осврна на изминативе три години, земајќи ги во предвид предизвиците со кои се соочува папата Фрањо.

Папата Фрањо како учител на човештвото

Имам чувство дека сѐ повеќе расте угледот на Папата како учител на човештвото и Црквата, и тоа во општа смисла, рече отец Ломбарди и објасни: Во текот на минатата година, Папата допре, речиси до сите континенти, освен Океанија. Тој зборува за теми поврзани за мирот и војната, кои навистина се однесуваат на сите луѓе; зборува за важните теми на денешново општество во контекст на глобализацијата, за „културата на отфрлање“, за правдата и солидарноста. Во енцикликата „Laudato si“, според зборовите на отец Ломбарди, посебно успеа да им даде сеопфатен поглед и на многу важни прашања за денешниов и идниот живот на човечкиот род.

Милосрдието во центарот на понтификатот на папата Фрањо

Потоа отец Ломбарди спомна дека темата на навестувањето на Божјата љубов, навестувањето на Божјата присутност и близина, која е содржана во тој посебен збор „милосрдие“, е карактеристична порака и служба која папата Фрањо му ја пружа на човештвото и тоа од самиот почеток на понтификатот. И го пронајде, можеме да кажеме, тој нов оргинален облик на Јубилеј, кој е раширен во целиот свет, додаде отец Ломбарди и објасни: Не станува збор за централизиран Јубилеј; секако Рим тука е како срце во одот на Црквата, но Божјето милосрдие може да се сретне поминувајќи низ вратите кои се наоѓаат во сите места низ светот.

Обнова на Црквата

Осврнувајќи се на реформата која Папата ја спроведува, директорот на Ватиканската прес служба истакна дека реформата е постојана задача на Црквата, а Папата, бидејќи дојде од крајот на светот, односно од една нова перспектива, посебно е способен за согледување и разбирање на очекувањата од обновата на Црквата и нејзините управувачки структури во служба на општото послание, како и за одењето во пресрет на потребите на Црквата во разните краишта на светот. Тоа е задача за која Папата знае дека му ја имаат доверено кардиналите, кога го избраа за Папа, забележа отец Ломбарди и додаде дека таа задача Папата ја извршува во постојана потрага во послушност кон Светиот Дух кој го води во соочувањето со проблемите, и тоа со доверба, надеж и со голема слобода.

Голема популарност, но има и критики

На новинарската забелешка дека и покрај популарноста на Папата, не недостигаат и критики, отец Ломбарди рече дека тоа е нормално бидејќи одот по нов терен и настојувањето да се одговори на итните прашања кои ги поставува светот кој се менува, предизвикува загриженост и несигурност; се оди низ терен кој е од различни погледи непознат. Тоа храбро делување, кое се потпира на вера и надеж, во уверувањето дека Светиот Дух ја следи Црквата во остварувањето на Божјата волја во новото време, не е така едноставно, истакна отец Ломбарди и додаде дека папата Фрањо е навистина учител кој нѐ води храбро и реално.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот