Отец Ломбарди за посетата на Папата на Турција

Што повеќе средби, толку повеќе се оди кон единство, истакна отец Федерико Ломбарди, директор на Ватиканската прес служба, во врска со посетата на папата Фрањо на Турција.

Јасно е дека замислата на Папата за Петровата служба е токму служење, а не власт, спомна отец Ломбарди. Затоа треба на сите да им биде јасно дека службата на приматот, службата на римскиот бискуп е служба за единство, која во суштина се извршува преку љубовта, братството и синодалноста.

Тоа е важен сегмент на овој понтификат, кој покажува сличност со Православната Црква, за која синодалноста е темелен поглед за одот на Црквата. Меѓуота и понатаму патот е долг, забележа отец Ломбарди и додаде дека постојат комисии што проучуваат како навистина се толкува проблемот на приматот, со кој е поврзан илјадагодишниот раскол. Значи не е едноставно да се објасни тоа потполно, истакна директорот на Ватиканската прес служба.

На новинарското прашање дали има некои нови факти што излегле на виделина овие два дена на средби, отец Ломбарди спомна дека колку повеќе средби, толку повеќе е поголема љубовта и се оди повеќе кон единството и истакна дека фактот што ова беше четврта средба во овој краток понтификат покажува дека постои согласност и многу јака желба за заеднички од.

Осврнувајќи се на Папскиот повик католиците и православните да продолжат заеднички да се залагаат со цел да одговорат на повикот за помош на сиромасите, на жртвите од војните и другите, отец Ломбарди објасни дека екуменизмот, како и меѓурелигискиот дијалог, не ја подржуваат само идејата, туку и заедничкиот живот и делување. Сите погледи кои ги имаат христијаните од евангелскиот поттик за праведност се насочени кон доброто на луѓето и совладување на големите проблеми на денешницата, било да се работи за судири, сиромаштија, непознавање, разочараност, сето тоа, секако, може да се прави заеднички, на јасен заеднички темел присутен во Евангелието, истакна отец Ломбарди.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот