Отец Ломбарди: Mоите 25 години во Радио Ватикан
Генерален директор на Радио Ватикан, отец Федерико Ломбарди го завршува своето 25 годишно служење во Радио Ватикан на крајот на февруари. Тој ја започнува својата служба во 1990 година како директор на програмите, а потоа во 2005 година е назначен за генерален директор.
Во 2001 година му е доверено управувањето на телевизискиот центар на Ватикан (CTV), а од 2006 година му е доверена и пресслужбата на Ватикан, позиција, која продолжува да ја извршува. Во интервју за Радио Ватикан, отец Ломбарди раскажува за 25 години поминати во радиото:
„Кога дојдов во Радио Ватикан не го познавав одблизу Ватикански свет, но уште пред да станам провинцијал на Исусовците, имав работено претходно во Civiltà Cattolica (периодичното списание на Исусовците) повеќе од 10 години и како и други исусовци пред мене тоа беше одлична подготвителна школа, за проблемите на информациите и комуникацијата во склад со служењето на Папата и на Светиот Престол.
Покрај задачата да бидат следени постојано и одблизу активностите на Папата, нешто што никогаш не бев го правел, особен интерес за мене беше светскиот хоризонт, глобалната димензија на активностите на радиото и огромниот меѓународен опсег на работната заедница, на вработените од 60 националности, култури, јазици и различни писмености. Во меѓувреме требаше да се привикнам кон поинаков вид на искази: повеќе не долги статии, туку кратки статии – она што може да се каже во една или две минути на синтетички концизен јазик, колку е можно појасно: во тоа верувам, ми помогна малку и мојата математичка подготовка.
Во првите 15 години од 1991 до 2005 година, бев Директор на програмите и главен аспект од обврските ми беше вниманието кон содржината на информациите, но моето внимание беше и врз вистинската близина на животот на поединечните редакции и многуте вработени, кои ги формираат; многу интензивни и длабоки човечки односи, особено со уредниците и уредничките, но исто така и со техничарите со кои имав чести контакти, иако тие не зависеа директно од мене. Морам да кажам дека можеби тоа беше „најсреќниот“ мој период во кој можев да се предадам целосно на мисијата на Радио Ватикан, практично секој ден од утро до вечер, скоро постојано.
На прашање на новинарот за други обврски во тоа време, о. Ломбарди одговори: „Тоа е точно. Од 2001 година, по различни околности бев одговорен и за телевизискиот центар на Ватикан, CTV, а од 2006 година се придодаде и прес-центарот. Но од 2005 година, со заминувањето на о. Боргомео, бев назначен за Генерален директор, задача која повеќе е административна и бара помалку континуирана близина со уредниците, но затоа пак, во некоја смисла дури и компатибилна со други задачи со кои бев презафатен во тоа време, и кои природно бараа значителен дел од моето времето. Во краток преглед еден нормален работен ден за мене се одвива вака: рано наутро и попладне/вечер во радиото, утрото – во салата за прес-конференции, а претпладне – во телевизискиот центар CTV.
Имаше многу да се работи, но никогаш не мислев да побарам да го напуштам Радио Ватикан. Тоа беше мојата мисија, за која моите духовни претпоставени ми ја беа довериле оваа служба во Ватикан.
На прашањето за неизбежните тешкотиите низ толку многу години, о.Ломбарди одговори: „Тешкотии никогаш не недостасуваат. Најтешкото време конкретно за радиото беа дискусијата и обвинувањата за т.н. „загадување со електромагнетни радио бранови“, на предавателниот центар на Санта Марија ди Галерија. Дискусијата беше покрената на крајот на „Големиот јубилеј“, во јануари 2001 година, следеа особено жестоки полемики во текот на неколку месеци, до летото, не запреа уште долго време, но стануваа сѐ поретки. Се разбира, не беше воопшто лесно да бидеш обвинет – сигурно, неправедно – да наштетуваш дури – и да убиваш деца; но за среќа имавме чиста совест и мислам дека токму затоа го поминавме тестот со трпение, морална одговорност и со научна компетентност.
„Кои се работите кои ви причиниле задоволство, или ве иритирале во овие години …“
„Она што најмногу ме радуваше беа сведоштвата на слушателите, кои живееја во тешки ситуации и кои успеваа да ни испратат порака за благодарност до нашата служба. Се сеќавам на писмото на една волонтерка, медицинска сестра од Сомалија, сама, изолирана во муслиманскиот свет, која нè слушаше редовно …
… Се сеќавам на 40.000 писма на благодарност, пристигнати од Украина во првата година по падот на советскиот режим … и за среќа, примерите можат уште долго да се набројуваат. Спротивното: најмногу жалам и ќе продолжам да жалам е што не успеавме да реализираме програма на јазикот „хауза“. Програмата беше многу силно посакувана од епископите на Северна Нигерија, регион кој знаеме дека е сцена на насилство и тензии, каде беснее Боко Харам.
Веќе ја бев организирал програмата, практично бесплатно, потпирајќи се на доброволна соработка на монаси, Нигеријци во Рим и на приходите од едно католичко радиско студио во Нигерија. Можеше да тргне одлично, единствениот дополнителен трошок, требаше да биде за електрична енергија, потребно за пренос, не повеќе од 10.000 евра годишно (помалку од 30 евра на ден …). Го бевме реализирале веќе првото емитување, кога ме принудија да ја запреме програмата, мислам од загриженост, радиото да не се „проширува“.
„За Нигеријците, тоа беше многу сериозно разочарување. За мене беше едно погрешно решение, спротивно на разбирањето на вистинската човечка и црковна потреба, на која можевме да дадеме еден мал, но значаен одговор на внимание и поддршка за сиромашното население …
Но во ДНК-то на Радио Ватикан и во неговата мисија од самиот почеток, а потоа особено за време на потиснатата Црква од тоталитарните режими, пред сѐ комунистичкиот, секогаш било служењето на загрозените христијани, на сиромашните, на малцинствата и оние кои се во тешкотии, а не следење на принципите на апсолутниот императив за максимална публика. Се разбира, истражувањето на публиката треба да се земе во предвид, но тоа не е сѐ. Се надевам дека нема да биде заборавено и во иднина при определување на развојот на комуникациите во Ватикан. Еден огромен предизвик е како да се претстават навистина сиромашните, како да се бориме со „културата на отфрлањето“ во светот на новите комуникации“.
Согласен ли сте дека реформа на комуникациите од страна на Ватикан беше и е неопходна и дека со тоа ќе се промени радикално Радио Ватикан, кое Вие го познавате?
Се разбира, огромната еволуција во комуникациите се наметна и за Ватиканските медиуми, еве зошто беше потребна и реформата, која треба да биде храбро реализирана со знаење и со позитивната оценка на новата култура и новите технологии кои ја карактеризираат …
Особено во крајот на деведесеттите години во Радиото вложивме многу напори за да влеземе во светот на дигиталната комуникација и мултимедијалноста, веќе имаме нешто повеќе од аудио програми, развивме важен повеќе јазичен вебсајт и присуство во мрежата под различни форми, на крајот, вклучувајќи и силно присуствување на социјалните мрежи, на тој начин преминавме од еднонасочна комуникација кон интерактивност.
Кога ја одбележувавме 75. годишнината на Радио Ватикан во 2006 година, се обидов да им помогнам на идејата дека ние се уште се нарекуваме „Радио Ватикан“, но во реалноста веќе не бевме радио во потесна смисла на зборот, веќе станавме важен центар на производство на повеќејазични и мултикултурални информации кои ги обогатуваше програмите со технологијата и во најсоодветните форми, за да стигне до публиката во различни делови на светот, како што направи папата Пио XI со Маркони, користејќи ги најновите технологии на своето време, така направивме и ние тогаш.
Всушност секогаш сум го сакал името на Радио Ватикан, во кое се вклучува една голема приказна, но во последно време го слушам тоа име во извесна смисла, како стапица, кој е извор на недоразбирања: бидејќи создава впечаток дека сме блокирани единствено за производството на аудио програми за класично емитување и тоа природно ги зајакнува приговорите на критичарите, кои нè обвинија за трошење на многу средства за активност ограничена до еден единствен медиум, освен тоа – и традиционален. Тоа апсолутно не е точно, доволно е да ја посетите нашата страница, за да се убедите. Но, во секој случај мислам дека би било добро да се измени името „Радио Ватикан“, за да се ослободиме од товарот на оваа заблуда. Со тековната реформа тоа ќе се случи по природен пат.
Често се зборува за намалување на трошоците, до кое треба да се резултат на реформите …
Покрај претходно планираното и одамна започната намалување на преносот на ултра кратки бранови и освен некои заштеди како резултат од пребарувањето и соодветна координација на одредени функции, се сомневам дека може да се постигне радикално штедење без да се откажеме од некои важни активности. Што се однесува до радиото, тоа веќе нуди значително количество различни форми на комуникација, кои не се ограничуваат воопшто во производството и емитувањето.
Следниот чекор од реформата предвидува „обединување“ на Радио Ватикан и телевизиски центар CTV. Познавајќи го CTV, што предвидувате? …
Многу сум среќен од оваа промена, која е целосно природна. Како што се сеќавате сум бил повеќе од единаесет години директор и на CTV што беше за мене како второ семејство, потоа на Радиото. Во тоа време, за време на својот мандат, имав задача да ја охрабрувам „синергијата“, но никогаш не се мислеше за интеграција, па се обидував да ја развивам добрата соработка без промена на специфичниот идентитет на двата медиуми.
Според Вас, што е основното што Радио Ватикан остава во наследство на новата реалност на комуникациите на Ватикан?
Би рекол дека наследството има два аспекта: културно и хумано. Од културна гледна точка, Радио Ватикан развило и има меморирано во својата историја ексклузивно богатство на повеќејазична и мултикултурна комуникација и на инкултурацијата на пораките на папите и Црквата во многу различни култури: речиси 40 јазици, со петнаесет различни писма, што се гледа веднаш ако фрлите поглед на сајтот. Тоа е драгоцено искуство од црковна гледна точка; лабораторија на единство во различноста: единствена мисија на различни јазици. Работата во радиото е училиште за католичката универзалност. Сметам дека тоа богатство треба да биде зачувано и се радувам што тоа се признава и во линијата на реформата. Мислам дека намалувањето на програмите со цел заштеда на трошоци ќе биде вистинско осиромашување на комуникацијата на Ватикан. Мислам дека во оваа насока може и треба да продолжи да се отвораат нови хоризонти на нашата мисија.
РВ/В.Н.