Отворена Светата врата во Скопската катедрала
Обредот на отворањето на Светите врати на милосрдието и свечената Света Миса во скопската катедрала на 13 декември 2015 година ја предводеше Апостолскиот нунциј во Република Македонија монс. Анселмо Гуидо Пекорари во заедништво со месниот бискуп монс. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија и уште седум свештеници.
Обредот започна пред олтарот во катедралата со поздравното слово на монс. Стојанов и навестувањето на Евангелието. Потоа процесијата се упати кон споредните врати на катедралата кои што бискупот Стојанов за оваа пригода ги одреди како Свети врати.
Собраната заедница, откако ја испеа химната на Светиот Дух застана пред затворената врата каде што, после пригодна молитва беше повикана да помине низ вратата за да добијат милосрдие и простување. Чинот на отворањето на вратата со својот свечен звук го придружуваа пет труби. Потоа надбискупот Пекорари и бискупот Стојанов ја отворија врата, кратко се задржаа во молитва, а потоа влегоа во катедралата, а по нив влезе и целата заедница.
Кога веќе сите се сместија во катедралта следеше прокламацијата на Јубилената година на милосрдието. Звукот на трубите го најави навестувањето на јубилејната година, а скопскиот парох и декан дон Топиќ прочита краток дел од Папската була „Лице на милосрдието„. После тоа бискупот Стојанов свечено ја отвори Јубилејната година на милосрдието со овие зборови: „Според одредбите и овластувањата кои ми се дадени од наследникот на свети апостол Петар – папата фрањо, како бискуп на Скопската бискупија, оваа вонредна Јубилејна година ја прогласувам отворена„. Во знак на радост трубите повторно се огласија, а собраната заедница радосно аплаудираше. Затоа, надбискупот Пекорари ја благослови водата и минувајќи низ катедралата ги благослови верниците.
Во пригодната хомилија бискупот Стојанов рече: „Исус зборува за важноста на верата, дека таа е поважна од законот. Во тој смисол мораме да ги сфатиме неговите зборови кога, седејќи со Матеј, другите цариници и грешници, разговара со фарисеите кои му приговараат: ајде, кажи ни што значи: милосрдието ми е драго, а не жртвата, затоа што не дојдов да ги повикувам праведниците, туку грешните„ Бискупот Стојанов нагласи дека овие зборови покажуваат дека на Господ му е најважно нашето обраќање и спасението на луѓето.
На крајот од Светата Миса на заедницата се обрати монс. Пекорари кој рече дека отворањето на Светата врата значи да се влезе во Црквата, да го молиме Господа за простување и да го примиме неговот милосрдие. Така, во склоп на Црквата можеме да го живееме обновениот живот во верата и љубовта. Последица на тоа е да го отвориме нашето срце за нашите браќа и сестри, посебно оние сиромашните и во потреба. Ги повика верниците искрено да ја живеат оваа година на милосрдието.
За време на Мисата пееше катедралниот хор под водство на с. Татјана Атанасова, а церемониите ги водеше богословот Емануел Матес.
к.мк