Од проповедта на Папата: Ѓаволот постои и во 21 век!
Да наулиме од Евангелието како да се бориме против ѓаволските искушенија – поттикна Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 11 април во капелата на домот Света Марта. Папата рече дека сите сме изложени на искушенија, затоа што ѓаволот не ја сака нашата светост, а го напомена и тоа дека христијанскиот живот е борба против злото.
Исусовиот живот бил борба. Тој дојде за да го победи злото, да го победи кнезот на овој свет, да го победи ѓаволот – рече Папата на почетокот на проповедта истакнувајќи дека секој христијанин треба со ѓаволот да се соочи и да се бори. Тој го искушувал често Исус и Тој ги чувствувал тие искушенија, како и прогонствата. Ако ние христијаните сакаме да го следиме Исус тогаш таа вистина треба добро да ја познаваме – опомена Папата.
И ние сме искушувани, и нас ѓаволот нѐ напаѓа, бидејќи не ја сака нашата светост; не сака христијанско сведочење; не сака да бидеме Христови ученици. А што презема ѓаволот за да нѐ одврати од Исусовиот пат? – праша Папата објаснувајќи како искушението делува: започнува малку и постепено расте: ја пренесува заразата на друг човек, се пренесува така на друг, настојува таа зараза или искушение да биде заедничко. И на крајот, за да ја смири душата, се оправдува. Расте, заразува и се оправдува – повтори Папата.
Првото Исусово искушение во пустината „речиси изгледа како заведување.“ Ѓаволот го наведува Исус да се фрли од храмот бидејќи тогаш сите ќе кажат: Еве го Месијата! Истото го направи со Адам и Ева: заведување. Ѓаволот зборува како да е духовен учител. А ако искушението се отфрли, расте и се враќа уште посилно, за кое што Исус зборува во Евангелието по Лука: кога ѓаволот е отфрлен, собира околу себе други и се враќа уште посилен. Исушението расте и заразува, а на крајот се оправдува. Папата потсети на Исусовата проповед во синагогата, кога сите се здружиле против Исус: зар овој не е синот на дрводелецот, со која власт го зборува тоа? Не посетувал училиште. А врвот на оправдувањето е во зборовите на свештеникот: Подобро да умре еден човек отколку целиот народ- истакна Светиот Отец.
Да размислиме на пример за клеветата: малку сум завиден на некој човек, најпрво тоа го чувствувам во себе, но тоа чувство треба да го споделам, човекот оди кај друг човек и вели: Дали си го видел тој човек? Искушението расте и настојува да зафати и друг човек. Тоа е механизмот на клеветата, а сите сме биле искушувани на клевета. Од вас, можеби некој и не е, ако е свет; но и јас сум бил искушуван да озборувам. Тоа е секојдневно искушение. Започнува тивко, како мал млаз вода, се шири како зараза и на крајот се оправдува – објасни Папата.
Да бидеме внимателни кога во срцето ќе почувствуваме нешто што би можело да уништи други луѓе. Да бидеме внимателни, затоа што ако тој мал млаз вода навреме не го запреме, кога ќе прелие и зарази, ќе стане порој и ќе нѐ поттикне да го оправдуваме злото, како што се оправдувале луѓето кои кажале подобро да умре еден човек отколку целиот народ.
Сите сме искушувани, бидејќи законот на духовниот живот, нашиот христијански живот е вистинска и трајна борба. Кнезот на овој свет – ѓаволот – не ја сака нашата светост, не сака да го следиме Христа. Можеби некој би можел да каже: Па, оче, старомодни сте: во 21 век зборувате за ѓавол…?! – Но, внимавајте, ѓаволот постои. И во 21 век ѓаволот постои! Да не бидеме наивни; да научиме од Евангелието како да се бориме против злото – заврши Светиот Отец.
РВ/Д.И.