Можно евхаристиско чудо, за кое се тврди дека се случило на 30 јули во Куилапа, Гватемала, повторно го привлече вниманието на јавноста речиси три месеци подоцна.
На 21 октомври емисијата „Primer Impacto“, која се емитува на американската телевизиска мрежа „Univisión“, објави прилог со нови сведоштва на свештеници и верници за посветена хостија која не се растворила откако била ставена во вода, а на која подоцна се појавиле црвеникави дамки.
Парохот на катедралата „El Niño Dios“ изјави дека хостијата мора да биде подложена на научни испитувања за да се утврди природата на супстанцијата.
Во прилогот е пренесена и изјавата на свештеникот Хосе Алехандро Гарсија, кој потврди дека случајот сè уште ги очекува потребните анализи.
„Според моето мислење, станува збор за хостија на која се појавила црвеникава супстанција. Со тоа ќе се занимава науката, бидејќи истражната постапка веќе е во тек“, објасни свештеникот, додавајќи дека испитувањата би можеле да траат неколку месеци.
Во телевизискиот прилог се наведува и дека црвеникавата боја останала видлива повеќе од еден месец откако првпат се појавила, што го привлекло вниманието на многу верници.
До денес не се објавени научни резултати со кои би била утврдена природата или потеклото на оваа супстанција.
Хостијата не се растворила, а на неа се појавиле црвеникави дамки
Настаните датираат од 30 јули, за време на Мисионерската евхаристиска недела, организирана од катедралната парохија „El Niño Dios“ во бискупијата Санта Роса де Лима.
За време на света Литургија во едно приватно училиште во Куилапа, младо лице примило света Причест, но свештеникот забележал дека се обидува да ја извади хостијата од устата.
Свештеникот кој ја предводел светата Литургија веднаш реагирал и спречил хостијата да падне на земја. Во согласност со насоките предвидени за вакви случаи, посветената хостија била ставена во стаклен сад со вода во капелата на парохискиот дом, за да се раствори.
Една недела подоцна, на 6 август, лицето задолжено за чистење на капелата забележало дека хостијата не се растворила, туку дека на неа се појавиле црвеникави дамки, за кои во парохиското соопштение било наведено дека „би можеле да бидат крв“.
Лицето веднаш ги известило ѓаконот и свештеникот, кои исто така ги забележале дамките.
Парохот потоа зел официјална изјава од лицето кое прво го забележало настанот и го документирал случајот. Во следните денови хостијата лично ја виделе ѓаконот, свештеникот и тројца лаици.
На 15 август парохот му ги покажал фотографиите од хостијата на бискупот на Санта Роса де Лима, монсињор Хосе Кајетано Пара Ново, за да го извести за случувањето.
Следува истражна постапка
Во прилогот емитуван во „Primer Impacto“, претставниците на парохијата објаснуваат како дознале за случајот и кои чекори ги презеле по појавата на црвеникавите дамки.
Парохот Хосе Алехандро Гарсија нагласи дека е неопходна научна анализа за да се утврди природата на супстанцијата. Меѓу другото, испитувањата треба да покажат дали станува збор за човечка крв или не.
„Ќе бидат спроведени повеќе испитувања. За тоа е потребно време. И покрај големиот напредок на науката, можно е да бидат потребни и неколку месеци“, објасни тој.
Претставниците на парохијата нагласија дека во текот на својата историја Црквата се среќавала со сведоштва за извонредни појави поврзани со реалното присуство на Исус Христос во Евхаристијата, но дека таквите настани бараат внимателно и темелно испитување.
„Ваквите случаи не се чести и не е лесно да се проценат. Затоа не можат да бидат прогласени за чуда сè додека не се спроведе темелна истрага, која е неопходна и ќе бара одредено време“, се наведува во соопштението.
Парохијата претходно соопшти дека хостијата се чува на безбедно место и дека не е изложена пред јавноста.
Исто така беше појаснето дека одговорност на диоцезанскиот бискуп е да ги даде потребните насоки за спроведување на истрагата.
Во новите изјави, пренесени од „Univisión“, се наведува дека хостијата ќе остане под грижа на парохијата сè додека не започне научното испитување.
Исус е жив во Евхаристијата: таа не е нешто, туку Некој
Откако случајот стана познат во јавноста, претставниците на катедралата во Куилапа нагласуваат дека она што се случило пред сè треба да биде повод за обновување на верата во реалното присуство на Исус Христос во Евхаристијата.
Во соопштението објавено во август, парохијата ги потсети верниците дека најголемото евхаристиско чудо се случува на секоја света Литургија, кога лебот и виното стануваат вистински Тело и Крв Христови.
„Овој настан, како католици, треба да нè поттикне да ја обновиме верата и побожноста кон најголемото чудо од сите: реалното присуство на Исус Христос во секое славење на светата Литургија“, се наведува во соопштението.
Свештениците исто така ги повикаа верниците на задоволштина за навредите нанесени на Пресветата Тајна, на подлабоко и побожно учество во светата Литургија и на почесто пристапување кон Светата Тајна Исповед.
„Нека денешниот ден биде миг на задоволштина за сите навреди што Исус ги поднесува во оваа Тајна на љубовта, повик светата Литургија да ја живееме со внимание и побожност и поттик почесто да пристапуваме кон Светата Тајна Исповед. Да не заборавиме дека Исус е жив во Евхаристијата: таа не е ‘нешто’, таа е ‘Некој’“, се заклучува во парохиското соопштение.
Кта/к.мк

