Нов силен апел на Папата за прогонетите христијани во Ирак
„Папата Фрањо со загриженост ги следи трагичните вести од Северен Ирак кои ги засегаат немоќните граѓани. Особено погодени се христијанските заедници: цел еден народ побегна од родните живеалишта поради насилството во последниве денови, насилство што царува и предизвикува безредија во регионот“, стои во изјавата на директорот на Ватиканскиот прес центар, патер Федерико Ломбарди, објавена во име на Папата за ситуацијата на христијаните во Ирак.
За време на молитвата „Ангел Господов“ на 20 јули, наведува отец Ломбарди, „Папата Фрањо со болка извика: „Нашите браќа се гонети, истерани, принудувани да ги напуштат своите домови без можност да земат нешто со себе. Кон овие семејства и луѓе сакам да ја искажам мојата духовна блискост и постојана молитва. Драги, прогонувани браќа и сестри, јас знам колку многу страдате, знам дека сте лишени од сè. Јас сум со вас во верата во Оној, кој го победува злото!“.
Во светло на овие алармантни настани, продолжува ватиканскиот портпарол, „Светиот Отец ја обновува својата духовна блискост кон сите оние кои поминуваат низ ова болно искушение и се приклучува на постојаните апели на локалните епископи, сакајќи, заедно со нивните и за нивните измачени заедници да не престане од целата Црква постојаната молитва за да се измоли од Светиот Дух дарот на мирот“.
Светиот Отец го упати својот силен апел до Меѓународната заедница да вложи напори за запирање на оваа хуманитарна трагедија, за заштита на сите засегнати или загрозени од насилството и за гарантирање на потребните основни средства, пред сè најголем императив да бидат бројните бегалци, чија судбина зависи од солидарноста на другите.
Папата апелира до совеста на сите луѓе и на секој верник: „Нека Бог на мирот даде да расне кај сите вистинска подготвеност за дијалог и помирување. Насилството не се победува со насилство. Насилството се победува со мир! Да се помолиме во тишина за мирот. Маријо, кралице на мирот, моли се за нас!“ (Ангел Господов, 20 јули 2014).
РВ/В.Н.