Надбискупот на сирискиот град Хомс упати драматичен апел откако планот за помош на Светската програма за храна од 1 јануари беше суспендиран: „Сириските семејства јадат еднаш дневно, заборавија што е греење, што е топла вода, што е друштво, живее во темнина, без светлина“
Пред шест месеци беше преполовен, а од 1 јануари целосно укинат. Планот за помош на Светската програма за храна, агенцијата на Обединетите нации задолжена за помош во храна во светот, е суспендиран за Сирија. Повеќе од пет милиони луѓе зависат од испораката на храна и основните потреби, во земја која се приближува до 13-та година од војната (март 2024 година) и дополнително ослабена, во февруари 2023 година, од силен земјотрес во областите што граничат со Турција. Причината за оваа одлука, објаснуваат од Светската програма за храна, е недостигот на средства, на што влијаеше епидемијата Ковид, потоа војната во Украина, а сега и војната во Газа, со што расположивите средства се сведени на нула. Сега, пак, проценката на оние кои се во многу сериозни услови на несигурност за храна надминува 12 милиони луѓе.
Страшна и неправедна одлука
Сирискиот народ е осуден на смрт, а не може ништо да каже – со тага истакна монсињор Жак Мурад, кој e надбискуп на Хомс, третиот по големина град во Сирија. Тоа е страшна и неправедна одлука – додаде тој, прашувајќи се зошто воопшто дошло до тоа. За нас тоа е исто како светот да му каже на сирискиот народ „осудени сте на смрт, без да го кренете гласот, без никакви зборови“. И зoшто? Што погреши сирискиот народ? – прашува надбискупот.
Црквата не може да ги покрие сите потреби
Неговите зборови се полни со тага, додека размислува за страдањата што народот ги претрпе сите овие години и ќе продолжи да ги трпи, предизвикани од војна на која не ѝ се гледа крајот и која продолжува да ги уништува сите надежи. Оваа одлука беше донесена со цел да го фрли сирискиот народ во целосен очај, да ја изгасне секоја светлина што можеше да остане запалена благодарение на нашата вера и надеж. Но, во оваа ситуација навистина сме готови – рече надбискупот.
Невладините организации и Католичката црква навистина правеа чуда во Сирија во последните години, поддржувајќи го населението на секој начин. Денес, соочени со прекинот на испораката на хуманитарна помош, која веќе им помогна на речиси две третини од населението, се прашуваме дали се уште постои надеж дека луѓето може да се спречат да умрат од глад. Црквата, како и невладините организации, не можат да ги покријат сите потреби на сирискиот народ – со жалење тврди монс. Мурад – нивниот капацитет за финансирање е ограничен.
Освен тоа, испраќањето пари во Сирија е невозможно поради санкциите наметнати од Соединетите Американски Држави и Обединетите нации, и што да правиме? Како може да живее сирискиот народ? Голем број сириски семејства веќе јадат еднаш дневно, само еднаш дневно – истакна надбискупот и додаде: Заборавивме што значи греење, бидејќи не можеме да купиме гориво, ниту дрва; заборавивме што е топла вода, заборавивме што е друштво. Живееме во целосен мрак, градовите во Сирија се без светлина – рече тој и забележа – секако, богатите населби кои сочинуваат само 5% од населението не ја претставуваат состојбата на сирискиот народ.
Сиријците се осудени на смрт
Според монсињор Мурад, единственото решение, освен Католичката црква, е во Европската Унија; тој се надева дека Европската Унија ќе заземе јасна позиција, мотивирана од искрена и човечка чувствителност. Апелот на надбискупот е болен. Зошто се дозволува тој народ да умре? – Дали е страшно прашањето што му се поставува на светот: Не е можно целиот свет да го напушта сирискиот народ, што згрешивме за да бидеме осудени на смрт? – прашува надбискупот Жак Мурад.
Ватикан њуз/к.мк