Надбискупот Бекиу за главните настани на Папата во 2015

Јубилејот на милосрдието, меѓународните апостолски патувања, Синодата посветена на семејството и реформата на Римаската курија, се некои од темите и важните настани на папата Фрањо во текот на 2015 година.

На таа интензивна година која завршува, за Радио Ватикан, зборуваше надбискупот Анџело Бекиу, заменик за општи работи при Државниот секретаријат на Ватикан.

Она што силно ми остави впечаток и што ми се врежа во сеќавање е моментот кога Папата ми кажа дека сака да одреди Света година, вели надбискупот. Видов во него голема радост, бидејќи беше и е свесен дека на светот му се пружа единствена можност, односно дека може да го искуси Божјото милосрдие. Освен тоа, изборот за Светите врати во повеќе цркви, ја покажува неговата желба за навистина на сите да им се овозможи да уживаат во благодатите кои ќе ги донесе Светата година. Папата не се грижи поради морето на луѓе кои ќе дојдат во Рим, туку се грижи за секој да може да има можност лесно да ја почувствува Божјата добрина и милосрдната љубов, истакна надбискупот Бекиу.

Осврнувајќи се на Синодата посветена на семејството и на новинарското прашање дали поминува синодалниот стил, кој Папата често го спомнува, како порака за целата Црква или само на нејзиниот врв, надбискупот рече дека токму тоа е желбата која не е тешко да се оствари. Треба да се знае да се уреди хиерархискиот видик со видикот на заедништво, а тоа значи дека треба да се направи духот, уметноста на заедништвото, да влезе во нашите структури: во парохиите, во пасторалните совети; во епархиите, во свештеничките совети и во епископските пасторални совети; токму така како што Папата помага да се живее во духот на заедништво кога ја свика синодата, забележува надбискупот.

За нас важно е да знаеме да го изразиме своето мислење, а Папата би сакал секој верник да се почувсвува одговорен додека се подготвуваат документите и се донесуваат одлуки, истакна надбискупот.

Што се однесува, пак, до реформата на Куријата, надбискупот рече дека Папата е одлучен во продолжувањето со реформите, но како што истакна, тоа не е единствена грижа на Папата. Неговиот поглед се шири кон светот, а таму има многу други проблеми… Свесни сме колку на светот му е потребна евангелизацијата, забележува надбискупот. Дехристанизацијата се шири немилосрдно и гледаме како вредностите на Црквата се ставаат на страна и за нив не сака да се зборува. Сето тоа го загрижува Светиот Отец. Освен тоа, голема е загриженоста за христијаните кои се прогонувани по целиот свет, истакнува надбискупот и додава: „Да се погрижиме за обновата, но да настојуваме да се свртиме самите кон себеси, да го прошириме погледот кон целиот свет и да ја почувствуваме итната потреба за ширење на Божјото Слово.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот