Навестувањето на Евангелието не е прозелетизам
Ватикан, 9.5.2013 /к.мк/ – Навестувањето на Евангелието не е прозелетизам – истакна папата Фрањо на светата Литургија во среда 8 мај во капелата на домот Света Марта во Рим. На светата Литургија сослужуваше и кардинал Кокопалмер и монс. Оскар Ризат, а присуствуваше и група ватикански службеници.
Во проповедта Папата истакна дека денешните христијани треба да бидат како свети Павле, кој говорејќи им на Грците на Ареопагот, никој не осудувајќи изгради мост за навестување на Евангелието. Павле чезнееше за дијалог, поради тоа е градител на мостови, а не на ѕидови. Таков треба да биде секој христијанин – забележа Светиот Отец.
Христијанинот така треба да го навестува Христос за да биде прифатен, а да не биде одбиен. Павле знае дека мора да ја сее таа евангелска порака. Знае дека не е лесно да се навестува Исус Христос, но и дека не зависи од него. Тој треба да направи се што можно, но навестувањето на Исус Христос, навестувањето на вистината, зависи од Светиот Дух – рече Папата додавајќи:
Во денешното Евангелие Исус ни вели: А кога ќе дојде Он, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина; (Иван 16,13). Свети Павле не им вели на Атинјаните: ова е енциклопедија на вистината. Проучете ја и ќе ја откриете вистината! Не! Вистината не влегува во енциклопедија. Вистината е средба, тоа е средба со Врховната вистина, со Исус. Никој не ја поседува вистината. Вистината се прима во средбата – истакна Светиот Отец, и праша:
Зошто постапи така Павле? Бидејќи Исус говореше со сите: со грешниците, цариниците, закониците. Значи Павле го имитира Исус. И христијанин кој сака да го навестува евангелието треба да го имитира Исус: да им зборува на сите. Овие последни педесет, шеесет години е убав период во животот на Црквата, бидејќи се сеќавам што се говореше во католичките семејства, и во моето кога бев дете: Во нивната куќа не можеме да одиме, бидејќи не се венчани во Црква. Тоа беше исклучување. Во други куќи не смееше да се оди, бидејќи беа комунисти или атеисти. Сега, благодарејќи му на Бог, повеќе ова не се зборува. Наводно се бранеше верата, но се подигаа ѕидови, а Господ градеше мостови. Прво, Павле така се однесуваше, бидејќи Исус се однесуваше така, а второ, Павле е свесен дека мора да го навестува евангелието и дека навестувањето не е прозелетизам – рече Папата.
Црквата не расте поради прозелетизмот, туку поради привлечноста, поради сведоштвото, поради проповедањето. Павле токму така се однесуваше, навестувањето не е прозелетизам. Тој можеше така да се однесува, бидејќи не се сомневаше во својот Господ. Ако христијаните се плашат да градат мостови и повеќе сакаат да подига ѕидови, тогаш се несигурни во својата вера, не се надеваат на Исус Христос. Христијанинот како и Павле мора да започнат со изградба на мостови и да одат напред – предупреди папата Фрањо.
Кога Црквата ја губи апостолската ревност, тогаш е трома Црква, добро уредена, на изглед убава, но е неплодна, нема храброст да оди во „периферијата“, таму каде живеат бројни жртви на идолопоклонство, световност, празноверие и така по ред. Да молиме денес од свети Павле за апостолска ревност, духовен жар, и да бидеме сигурни. Некој би можел да каже: но би можеле да погрешиме. Напред, ако погрешиш, стани и продолжи да чекориш. Оние кои не чекорат, бидејќи се плашат дека ќе погрешат, грешат уште повеќе – заклучи Светиот Отец. (го*ко)