Монс. Томази: Коректен прием на мигрантите во Европа
Европа мора да ги отвори вратите за мигрантите преку политика, која нема да биде под влијание на „ирационални популистички тензии”. Ова го изјави монс. Силвано Томази, постојан претставник на Светиот Престол во Организацијата на Обединетите нации во Женева, пред Советот на ОН на 15 јуни.
„Акциите на пребарување и прва помош треба да бидат дополнително засилени, да се заштити правото на живот на сите, треба да остане приоритет, независно од личниот статус. Авторитетните органи треба да обезбедат посигурни легални канали за миграција и прифаќање и тоа на начин кој ќе ги штити правата на мигрантите и во исто време и легитимните интереси на општеството кое ги прифаќа”, изјави категорично Ватиканскиот набљудувач.
„Што се однесува до земјите кои прифаќаат мигранти – додаде монс. Томази начините за управување со миграциите се неефикасни. Сеуште недостасува вистинска стратегија за миграцијата на долг рок.” Монс. Томази објави бројки: 1.800 мигранти загинале од почетокот на годината во Средоземното Море, како и 25.000 од Рохинџа и Бангладеш со чамци на шверцери упатувајќи се кон Тајланд и Малезија. Монсињор Томази спомна шокантна бројка од 68 илјади малолетници без придружба, фатени од полицијата на САД, од октомври 2013 до септември 2014.
„Миграцијата и климатските промени се најголемите предизвици на 21 век. Глобалните промени на овој феномен заслужуваат барање решение на долг рок. Предложените мерки се во интерес на мигрантите, на општеството кое ги прифаќа, но и на меѓународната заедница како целина. Промоцијата и почитувањето на човековите права и достоинството на мигрантите значи почитување на човековите права на сите во општеството”, нагласи Ватиканскиот претставник.
РВ/го*ко