Оваа година по четврти пат се собираме да се помолиме, да размислуваме и да се дружиме заедно. Ги пренесувам благословот и поздравите за оваа средба од Н.В.П. д-р Киро Стојанов, ги поздравувам сите браќа свештеници о. Спасо Ристов, о. Гоце Костов, о. Димитар Ташев, о. Трајче Ташев, о. Ристо Самрџиски, о. Илија Стојанов, о. Ванчо Назов, о. Атанас Сирачев, кои и оваа година прифатија да се организира Молитвено-духовната средба, на посебен начин домашниот парох отец Ѓорги Појразов; ги поздравувам чесните сестри Евхаристинки од Радово и Нова Маала и сите вас присутни, тука вечерва од парохиите Петралинци како домаќини, Струмица – катедрала, Струмица – Свети Иван Крстител, Нова Маала, Гевгелија, Богданци, Чанаклија, Секирник, Сарај, Радово, а преку вас драги вернички и вашите пароси кои не можеа да дојдат поради други обврски во парохиите.
Сакам оваа мое кратко размислување да го споделам со вас во духот на една од најголемите жени во историјата на човештвото и една од најголемите личности на 20-от век, претпоставувате се работи за света Мајка Тереза, жена на светот, а наша. Од Македонија. Света Мајка Тереза ја имаше среќата да се роди во христијанско семејство и христијанска средина која знаеше да го цени ближниот, зашто таа во својот живот го имаше пред себе повикот од светото писмо: „Во љубовта страв нема, а совршената љубов го пади стравот, бидејќи стравот има мака. Кој се бои, не е совршен во љубовта.
- Ние Го сакаме (Бога), бидејќи Он порано нè засака.
- Ако некој рече: „Го сакам Бога”, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел?
- И таа заповед ја имаме од Него: кој Го сака Бога, да го сака и братот свој“. (1 Иван 4,18-21).
Мајка Тереза го засакала ближниот и го љубела во името на Исуса и во својот аскетски живот го применува на дело прифаќањето на од Бога подадената рака.
Божјата рака е постојано испружена подадена кон нас, од нас односно од нашата подготвеност зависи дали ќе ја прифатиме. Мајка Тереза може да ни биде вистинска водилка во тоа свое сфаќање, дека ако и ние ја пружиме нашата рака на веќе пружената од Бога рака кон човештвото тогаш е едноставно да се исполнува Божјата волја, зашто таа станува и наша, а секој човек тогаш е мој, односно наш брат. Зашто во суштина човекот е социјално битие и е создадено во својата слобода да биде моќен да избере живот во заедница, зашто и постоиме да бидеме заедница, а не како единка. Личното постоење го потврдуваме тогаш кога ќе прифатиме да постоиме во заедница со Бога и оние кои се во Бога.
Мајка Тереза била љубител на природата, јас читајќи ги дејанијата и мислите на светицата заклучувам дека таа се восхитувала на Божјата промисла да ја создаде природата и да му го даде правото на човекот да господари со неа. Тука ќе се осврнам со повторување, да господари, не да ја уништува. Како за жал во многу случаеви се случува.
Свештениците сме дел од Христовата промисла за во природата да го наоѓаме начинот да му возвраќаме на Бог преку дарување на природата на Бог. А со тоа и природата ја правиме вечна, зашто се што е во единство со Бог е вечно, правејќи заедница во Бога. Тоа возвраќање односно принесување на природата на Бога во служењето на Божествената Литургија го достугнува својот врв во Евхаристијата.
А каде Мајка Тереза ја нашла смислата на своето дарување на ближниот, односно на најсиромашните меѓу сиромашните? Токму во Евхаристијата. Евхаристијата е приказ или немојте да ми замерите за користениот израз: таа е икона на Рајот, икона на идното Царство.
Во една телевизиска емисија, посветена на Мајка Тереза, се појавува една личност, не и го знам името (од Скопје е колку што разбрав) и многу неодговорно ја напаѓа Мајка Тереза дека ништо не презела за правата на жената. Глупо кажување, Мајка Тереза, во својата женствена чувствителност кон страдалниците од овој свет ја издигна жената, како мајка, како сопруга, како сестра, као величина која во своето битие ја воздигнува човековата личност како дар од Бога. А во очите на нашиот Господ Бог сите сме еднакви. Бог не ги создал половите за едниот да има превласт над другиот, туку едни со други да се надополнуваме. Ниту жената може да биде маж и ја преземе улогата на мажот, ниту мажот може да ја преземе улогата на жената па да биде мајка.
Мајка Тереза тоа го потврди со дела, а силата ја црпеше клечејќи и обожавајќи го Бог во светиот Сакрамент. Ја издига заслугата на жената преку себедарувањето, преку молитвата и работата.
Јас гледам многу сличности во животот на Агнеса Гонца Бојаџи со животот на Марија од Назарет.
Сите ние христијаните ја молиме евангелската молитва „Ангел Господен“, каде ги изговараме зборовите на младата девојка од Назарет: – Нека ми биде по зборовите Твои (Лука 1,38). Таа одговори на Божјот предизвик и стана Богородица – девствена Мајка Божја. Агнеса Бојаџи уште како млада девојка ја прифати испружената од Бога рака и стана Мајка Тереза за цел свет.
Таа сега е предизвик за сите нас, а на посебен начин остави големо наследство за женскиот свет во наследувањето на „правење добри дела за Исус, секој ден“.
Отец Зоран И. Стојанов
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк