Моли со срцето

Моли со срцето

(…) Што значи да молиш со срцето? Кога некој моли без присилба и без принуда, со задоволство и со љубов, таквата молитва се нарекува молитва на срцето. Расположението за молитва, меѓутоа, само е предуслов и добар почеток, но не и крај на молитвата на срцето. Молитвата на срцето ќе доживее развој доколку молителот продолжи во молитвата да учествува – со срцето.

Уште во Стариот Завет, кога Бог преку пророкот Исаија упатува критика на својот народ, се забележува дека молитвата може да помине без учество на срцето: „Бидејќи овој народ се приближува кон Мене со устата своја, и со јазикот свој Ме почитува, а срцето негово му останува далеку од Мене…“ (Исаија 29,13). Фарисејот кој се моли во храмот е пример за човек чие срце не е вклучено во молитвата. Тоа се гледа по неговиот поглед кој е свртен кон другите луѓе и нивните гревови, а неговото сопственото срце останува исклучено од наблудување. Бидејќи го занемарил своето срце, фарисејот останал слеп, бидејќи во срцето се корењата за гледање. Не е најголемиот проблем што тој греши, туку што е уверен дека е целосно праведен и дека преобраќањето не му е потребно. Слеп е за себе, а уверен дека гледа. За разлика од него, цариникот во молитвата учествува со срцето. Тоа се гледа по тоа што својот поглед го свртува кон себе, го увидува својот грев и се кае. Бидејќи го гледа своето внатрешно битие, можно е да започне со процес на промена.

Кога се чита или слуша Словото Божјо, тоа може да се случи без учество на срцето: „Тогаш мнозина од учениците Негови, кои слушнаа, рекоа: Тешки се овие зборови! Кој може да ги слуша?“ (Иван 6, 60). Така Исусовите ученици го примија Неговото Слово за Неговото Тело како храна и Крвта како питие и заминале од Него. За тој чин – за напуштањето на Исус – го обвинија Исус и неговите зборови кои поради „тврдоста“ не можеа ниту да слушаат, а уште помалку да ги разберат.

Другиот пристап до Божјото Слово е погледот во сопственото срце. Тогаш се менува перспективата и се поставува поинакво прашање: Можеби не се работи единствено за Исусовото Слово? Можеби не е тврдо Неговото Слово, туку сопственото срце кое е необработено, не е разбудено, неразвиено? Марија му пристапи на Божјото Слово со срцето. Кога не разбирала што Бог ѝ порачува преку ангелот, се отвора, го чува Божјото Слово во своето срце, размислува и се впушта во неговата смисла. Без учество на срцето во Божјото Слово нема да допре до својата цел. Кој не е свесен за своето срце, нема да разбере дека делувањето на Божјото Слово не зависи единствено од сеачот и семето, од зборовите запишани на хартија или од оние кои ги изговараме, туку на крај одлучува срцето. Ако срцето не е будно или ако е камено, Божјото Слово нема да донесе плод. И покрај тоа што доаѓа од Бог.

Маринко Шакота/Гласник мира/к.мк/о. Ѓ. Појразов

 

Категорија: Вера, Духовност

За авторот