Младите од Петралинци на ходочастие во Скопје

На 22 мај 2016 година младите од парохијата „Свети Кирил и Методиј“ од Петралинци заедно со својот парох о. Ѓорѓи Појразов се упатија на ходочастие во Скопје.

Своето поклонение го започнаа со света Литургија во црквата „Свети Јосиф“ на Битпазар. Литургијата ја служеше о. Марјан Ристов заедно со о. Ѓорѓи Појразов кој одржа пригодна проповед во која истакна дека Словото Божјо не се врзува, како што човекот кој 38 години боледувал, не го задржал за себе, туку посведочил за Исус Христос пред неверниците.

Младите своето ходочастие го продолжија во скопската катедралата Пресвето Срце Исусово каде што кратко се задржаа во молитва. Исто така го посетија и Македонски Каритас, Радио Марија Македонија, при што имаа можност да се запознаат со работата на овие две институции. Во кратка посета младите се задржаа кај сестрите Усмиленки каде што беа запознаени со основположниците на оваа монашка заедница како и за нивната харизма и активностите кои ги имаат.

Своето поклонение групата го продолжи во новоблагословената бискупска резиденција каде што беа пречекани од о. Марјан Ристов и сестрите Климентина и Винкентина кои ги пренесоа поздравите од Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов. Во капелата „Свети Кирил и Методиј“ младите се помолија, а о. Марјан им објасни дека центарот на оваа резиденција е токму капелата односно Исус Христос, но истовремно е институција која ги извршува своите должности.

По завршувањето на средбата групата се упати кон Милениумскиот Крст на планината Водно. Посебна радост за младите беше што при посетата на Милениумскиот Крст беа придружувани од сестра Климентина. По краткиот престој на Милениумскиот Крст, беше предвидена посетата на кањонот на реката Треска – Матка, а поклонението младите го завршија со прошетка по плоштадот Македонија.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот