Марија од Пасија“: Ја играв мајката која страда заради болката на синот и истовремено простува, а тоа не е лесно

Актерката Маја Моргенштерн од Романија која ја одигра Марија во филмот „Пасија“ на Мел Гибсон, за полските медиуми проговори за своето учество на снимањето на екранизацијата на Исусовата мака која ја опиша како дело раѓано со „страст и прецизност.“

„Сакав мојата улога на Мајка Божја да биде одиграна на начин кој ќе биде универзален и кој ќе оди над религиските, расните и јазичните разлики. Сакав да прикажам мајка полна со љубов и грижа за иднината на својот син. Таа која човечки му верува, но и го сака со љубов која е Божествена. Намерно ја спомнувам верата затоа што многу мајки гледаат на своите деца со надеж и грижа. И секогаш тешко ја доживуваат нивната болка,“ рече Моргенштерн во разговор за полскиот дневен весник Жпосполит, односно викенд додатокот „ПлусМинус“.

Романката опиша дека режисерот Гибсон сакал да ја раскаже приказната за Исус давајќи и „човечка димензија“ и дека на сите актери тоа јасно им го дал до знаење и ги насочувал да избегнуваат секаква „патетичност во своите интерпретации.“ Актерите требало да „глумат луѓе, не симболи“. Додаде дека за време на снимањето цело време била присутна атмосфера на христијански собир во уметноста која се појавува.

„Секој ден се служела католичка света Литургија на латински јазик. Оние кои сакале да одат оделе, никој не бил присилен. Гибсон редовно министрирал на тие свети Литургии и било потполно очигледно дека тоа го прави од внатрешна потреба, не од некоја желба за „презентација“. Секако за време на снимањето сакаше да се отвориме едни кон други затоа што екипата беше составена од луѓе од различни религии и националности,“ опишала актерката.

Проговори и за класичните приговори на критичарите на тој филм дека тој бил премногу насилен и премногу директен во прикажувањето на Исусовата мака.

„Гибсон за таквите сцени се одлучи не затоа што сакаше суровост. Сакаше на гледачите формирани преку денешната киноматографија која е полна со „јаки“ сцени да ги натера заедно со Исус да ја преживеат неговата мака. Тврдеше дека проживувањето на Исусовата мака секогаш дава вистинска смисла на човечката драма. Затоа филмот можеби на моменти е брутален, но неговата порака е исклучително интелигентна и суптилна“, порача Романката.(…)

Враќајќи се на својата улога Марија актерката ги опиша психолошките нијанси кои ја воделе во нејзината интерпретација.

„Марија беше свесна што значи да оди со болка и трпење за Синот. Чувствуваше истовремено надеж и беспомошност. Во нејзиниот лик се спојуваа особини кои не е лесно да се спојат – од една страна болка, а од друга – прошка и љубов“, рече Моргенштерн и продолжи:

„Мене дополнителна потешкотија во сето тоа ми беше фактот што во тоа време бев бремена. Од друга страна можеби таа бременост ми помогна да ја сфатам комлексноста на ликот на Марија. Лично бев радосна заради исчекувањето на раѓањето на моето дете. А како Марија чувствував болка заради губењето на синот.“ (…)

Битно.нет/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Сведоштва, Свет

За авторот