Папата Фрањо ќе го посети Мадагаскар, држава на истоимениот остров во западниот дел на Индискиот океан, за три недели. Тоа ќе биде една фаза од неговата апостолска посета на Мозамбик, Мадагаскар и Маурициус, што ќе трае од 5 до 10 септември 2019 година.
Во оваа земја, една од најсиромашните во светот, работат многу монаси, обезбедувајќи разни услуги на локалното население. Меѓу нив, од 1962 година, е Мисионерското контемлативно движење на Чарлс Де Фукулд, основано во средината на минатиот век од италијанскиот свештеник Андреа Гаспарино, а кое во Африка, се прошири покрај и во Бразил, Азија и Источна Европа.
Оваа заедница во италијанскиот град Кунео двапати годишно – за време на велигденското тродневие и првата недела во август – организира „заеднички пустини“, односно искуства на тивка молитва и разговори за Евангелиеto, на кои се собираат стотици луѓе, вклучително и многу млади. За време на последната ваква иницијатива, новинарка од Ватикан њуз се сретна со три монахињи кои многу добро го познаваат Мадагаскар. Сестра Луција изминатите денови славеше 60 години живот во заедница, а живееше во Мадагаскар 25 години.
Знам дека тие долго време се подготвуваат за посетата на Папата, тоа сигурно ќе биде голема прослава – рече монахињата. Луѓето од Мадагаскар се многу гостопримливи и добродушни. Се сеќавам кога работев во детската кантина, тие особено беа приврзани кон мене. Тие ми дадоа многу, чувствувам дека добив многу повеќе од она што им го дадов. Чувствувам толку носталгија за нив што би сакала да бидам меѓу нив кога ќе дојде Папата – рече с. Луција.
Сестрата Лала е млада монахиња од Мадагаскар, горда на својата земја. Таа е една од сестрите на Мисионерското контемплативно движење Чарлс Де Фукулд, кои работат заедно со италијанските мисионерки. Токму поради своето сиромаштво тој народ веќе го има во себе, во својата ДНК, нашата харизма – учество во сиромаштијатa. Сакам Папата да му донесе надеж на мојот народ, како во секојдневниот живот, така и во црковното ангажирање. Особено, на младите, кои се голем дел од Црквата во Мадагаскар, им треба сила што доаѓа само од Бога – истакна монахињата.
Нивната мисија во Мадагаскар настана во Анатихаз, една од најсиромашните населби во главниот град. Меѓу бараките, во области без најосновни услуги со мноштво на деца кои не одат на училиште, формирано е едно мало училиште со кантина. Контемплативните мисионери не снабдуваат со структури, туку, пред сè, со дарот на заедничка молитва, славење, со блискостa во братскиот дух.
Сестрата Риналда живее во северниот дел на Мадагаскар од раните 70-ти, каде во меѓувреме движењето се прошири, особено за да им служи на голем број напуштени болни, вклучително и оние кои страдаат од лепра. На почетокот не беше лесно, но со текот на времето стана многу убаво – рече монахињата. Кога стигнав таму, имаше толку многу болни од лепра. Нашиот епископ се радуваше на нашето присуство во болницата за лепра. Додека влегувавме во куќа каде имаше болни, нè гледаа како да сме сонце што sирка во нивното срце. Иако малку можевме да сториме, за нив бевме единственото присуство во кое можеа да ги стават своите надежи.
Трогателно е да се види сестра Риналда додека размислува за Мадагаскарците кои, иако беа принудени да минуваат километри за да земат резерви на вода, знаат многу да дадат. Се сеќавам – се присети монахињата, на една сиромашна жена која имаше две пилиња и иако мораше да го нахрани целото семејство, на нас ни го подари поголемото, велејќи: Кога нешто ќе се подари, се дава она најдоброто што го имаш. Така, нашиот основач рече дека на другиот не му се дава она што на нас ни е вишок, туку она што те чини. А Мадагаскарците се вистински учители во тоа – рече с. Риналда.
Ватикан њуз/к.мк