Во интервју за Радио Ватикан – Ватикан Њуз, кустосот на Светата Земја зборуваше за празникот Цветници и светата Литургија, која ја предводеше патријархот Пицабала, за обредите на Страсната седмица, но и за неодамнешните напади на христијанските места: Треба да имаме храброст и да ги поттикнеме на размислување оние што се служат со насилство“. Тој ја изрази својата радост за враќањето на ходочасниците: „Вака оживува верата и врската со Мајката Црква во Ерусалим“. Тој, исто така, поттикна на дарежливост: „На многу светилишта им е потребно постојано одржување“.
Ерусалим е место на средба, вера, молитва, радост, заедништво и единство, а не на конфликти и поделби, тука нема само политичка и верска тензија – ова се силните зборови на монс. Пјербатиста Пицабала, патријарх на Ерусалим, кој повтори дека Светиот град не е ниту сопственост, ниту исклучување. Ова го истакна обраќајќи им се на христијанските верници кои учествуваа во поворката на Цветници, а ги имаше повеќе од 20.000. Патријархот Пицабала ги охрабри да не се плашат од оние кои сакаат поделба, мислејќи на насилството извршено во градот врз црквите и христијанските симболи. Светиот град – рече – отсекогаш бил и ќе остане дом за молитва за сите народи и никој нема да може да го поседува само за себе.
Зборовите на патријархот Пицабала ги повтори отец Франческо Патон, кустос на Светата Земја, зборувајќи за достоинството на христијаните и нагласи дека христијанскиот начин на реагирање на насилството не е со возвраќање со друго насилство, туку простување, молитва и потрага по правда.
Има луѓе кои сè уште се во искушение да ја напуштат Светата Земја, но сигурно е дека на дел од нашите христијани им е јасно дека се потомци на првите христијански заедници и дека затоа се сведоци на верата што постојано се пренесува овде во Ерусалим, веќе 2000 години, дури и во многу потешки времиња од овие во кои живееме – рече отец Патон и истакна дека затоа одговорноста треба да се сфати како повик; тоа не е резултат на чисто човечки напор, туку е Божји повик: да бидеме христијани во Светата Земја.
Ова послание ги наоѓа своите корени во Евангелието, – додаде тој – каде што самиот Исус не зборува за Црквата како големо мноштво, туку вели: Не плаши се, мало стадо, бидејќи Отецот се грижи за нас. Затоа, дури и кога сме малцинство, а тоа не е само во Ерусалим, туку и во многу земји во светот – истакна тој – мора да најдеме сила, не во некакво херојско чувство, туку во зборовите на Исус од Евангелие, во односот со Оној кој се нарекува вера. И покрај тензијата што владее во земјава, честите протести, голема е желбата да се слави воскресението Господово, желбата да се прошири огнот што доаѓа од празниот гроб – истакна отец Кустос на Светата Земја.
Времето на пандемијата беше исклучително тешко и за Кустодијата на Светата Земја, кога практично остана без финансиски средства. Но, ситуацијата се подобрува. Сега повторно е возможно да се реализира тој гест на општа солидарност, а тоа е Колектата за Светата Земја, собирање милостина на Велики Петок – рече отец Патон. Тоа е облик на солидарност на христијаните од целиот свет со христијаните во Светата Земја. Со помош на овој принос можеме да се грижиме за светите места од една страна, а од друга страна исто така и за ходочасниците кои доаѓаат да ги посетат светите места. А најмногу, можеме да се грижиме за малата локална христијанска заедница, бидејќи колектата ги поддржува и посторалните и општествените активности, посебно оние кои се поврзани со образованието, бидејќи има многу училишта кои играат многу важна улога.
Покрај тоа, има и активности за социјална помош – објасни кустосот и посочи дека е важно да се запамети дека Кустодијата не е вкоренета само во Израел и Палестина, туку и на територии кои со години страдаат од војна, како што е Сирија, која неодамна беше погодена од земјотресот. Затоа колектата е израз на солидарност на општата Црква со Црквата во Светата Земја, преку Кустодијата на Светата Земја – истакна отец Патон.
Ходочасниците постепено се враќаат во Светата Земја. Најголем дел од нив доаѓаат од САД, а потоа следат Полска, Италија, Шпанија и Бразил. И тоа е многу позитивно – рече тој и апелираше сите да дојдат на ходочастие во Светата Земја за да ја обноват верата и односот со христијаните од Светата Земја и Мајката Црква во Ерусалим. Покрај тоа, тој исто така поттикна и на економската поддршка. Во моментов во тек се големи работи, како што е реставрацијата на базиликата на Светиот гроб и бројните светилишта кои мора постојано да се одржуваат и да се работи на нив, за да се олесни доаѓањето на ходочасниците и нивното искуство на верата – рече кустосот на Светата Земја.
Ватикан њуз/к.мк