КРАТОК ИСТОРИСКИ РАЗВОЈ НА КАТОЛИЧКАТА ЦРКВА ОД ВИЗАНТИСКИ ОБРЕД ВО Р. МАКЕДОНИЈА ДО НЕЈЗИНОТО ВОЗДИГНУВАЊЕ ВО ЕПАРХИЈА – БИСКУПИЈА

КРАТОК ИСТОРИСКИ РАЗВОЈ НА КАТОЛИЧКАТА ЦРКВА ОД ВИЗАНТИСКИ ОБРЕД ВО Р. МАКЕДОНИЈА ДО НЕЈЗИНОТО ВОЗДИГНУВАЊЕ ВО ЕПАРХИЈА – БИСКУПИЈА

 а) Почетокот на христијанството во Македонија

Христијанството во Македонија започнува уште од времето на Апостолите, кога апостол Павле 51 година доаѓа во Македонија. Како што е запишано во Делата апостолски, додека св. Павле бил во Троада – Мала Азија, ноќта на сон му доаѓа еден Македонец и го моли велејќи: “Дојди во Македонија и помогни ни”. (Дела 16,9).

Во првиот милениум од новата ера христијанството во Македонија имало воздигнувања и падови, а врв достигнува во IX век, во времето на Светите браќа Кирил и Методиј кои даваат свој белег и ги поставуваат темелите за натамошниот развој на словенската култура. Делото на Светите Браќа на македонска територија го продолжуваат нивните ученици Климент и Наум, кои ја втемелија првата словенска епархија на Балканот – Охридската епархија.

Во времето на Самуиловото царство и создавањето на јужнословенските епархии створена е и Охридската архиепископија чија автокефалност се одржала до 1767 година, кога била укината. Оттогаш започнува и движењето за ослободување и осамостојување во Македонија на национално и црковно поле.

 б) Кукушко соединение

 Движењето за ослободување и осамостојување добива свој замав кон средината на 19 век, кога по цела Европа се буди националната свест. Тоа движење ја зафаќа и Македонија.

Во борбата за црковно ослободување од хеленистичкото влијание, покрај националниот дух во македонскиот народ се буди и духот за црковна независност од Цариградскиот патријархат. После неуспешното барање сојузник во разните независни Цркви обидот за ослободување од јуриздикцијата на Цариградскиот патријархат завршува во соединување со Католичката црква во 1859 година. Центарот на тоа движење бил градот Кукуш, од каде доаѓа и името “Кукушко соединение”.

Почетокот на хиерархијата на Католичката црква во Македонија од византиски обред започнува во 1861 година со архиепископот Јосиф Соколски, продолжува со епископот Нил Изворов, а кога во 1883 година е именуван Архиепископ со седиште во Цариград, тогаш се створени два Апостолски викаријати: Апостолски викаријат за Бугарија со седиште во Едрење и Апостолски викаријат за Македонија со седиште во Кукуш – Солун, а за прв апостолски викар е именуван монс. Лазар Младенов.

 в) Апостолски викаријат

Со создавањето на Апостолскиот викаријат во Македонија е формирана правната структура на Католичката црква од византиско-словенски обред во Македонија. Епископот Младенов ја означува јасната насока на развојот на Католичката црква во Македонија. За време на неговото управување Католичката црква во Македонија го достигнува својот процут; 1888 година брои околу 100.000 верници со 60 католички парохии. Тој процут на Католичката црква бил од краток век. Многу несреќни околности го зафаќаат јужниот дел на Македонија кои остават трагични последици на католиците.

Поделбата на Македонија во Балканските војни, кои завршија со така наречениот Букурешки мир, е катастрофален за Католичката црква. Врз католиците од Кукуш и пошироката околина е извршен геноцид од страна на тогашната непријателско расположената и хеленистичко – окупаторска војска. Верниците беа протерани од своите родни и вековни огништа и присилени да бараат засолниште во другите делови на Македонија, дури и преку границите на Македонија, а оние кои не успеа да побегнат беа убиени.

После Првата светска војна католиците Македонци во Вардарскиот дел на Македонија и струмичкиот регион, од Светиот Отец Папа се доверени на грижа на тогашниот Надбискуп во Скопје, кога тогашниот Апостолски викар, монс. Епифание Шанов, беше оневозможен во извршувањето на својата пастирска должност меѓу своите верници.

г) Во рамките на Крижевската епархија

Конечен правен статус за католиците Македонци е одреден на 19 октомври 1923 година кога, со одредба на Апостолскиот престол во Рим, стануваат составен дел на Крижевската епархија.

 д) Апостолски визитатор.

На 3 јули 1972 година, со декрет на Конгрегацијата за Источни цркви, монс. д-р Јоаким Хербут, скопско-призренски епископ, по потекло од византиски обред, е именуван Апостолски визитатор за католиците од византиско-словенски обред во Македонија, останувајќи и понатаму составен дел од Крижевската епархија.

ѓ) Апостолски егзархат

Неговата Светост папата Иван Павле II на 11 јануари 2001 година го потпиша декретот за воспоставување Апостолски Егзархат за Католиците од византиски обред во Македонија, што во Ватикан беше објавено на 25 јануари 2001 година.

По воспоставувањето на Апостолскиот егзархат именуван е и првиот Апостолски егзарх, Неговото Високо Преосвештенство монс. д-р Јоаким Хербут, бискуп скопски, кому во 1999 година од страна на Неговата Светост папа Иван Павле II му беше доделен помошен епископ во лицето на денешниот скопски бискуп монс. д-р Киро Стојанов, за седиште на Егзархатот е одреден градот Струмица, а парохиската црква “Успение на Пресвета Богородица” во Струмица  возигната во  Катедрална црква.

е) Епархија – Бискупија

Неговата Светост папата Фрањо го потпиша декретот со кој Апостолскиот егзархат го воздигнува во Епархија, односно Бискупија за верниците од византиско – словенски обред во Република Македонија, објавено во Ватикан на 31 мај 2018

По воспоставувањето на Епархијата, досегашниот Апостолски егзарх и скопски бискуп, монс. д-р Киро Стојанов, кој и натаму останува бискуп на Скопска бискупија, е именуван за прв Епарх-Бискуп на новосоздадената Епархија „Успение на Пресвета Богородица во Струмица – Скопје“ за католиците од византиски обред во Република Македонија.

Категорија: Uncategorized

За авторот