Пишува: протојереј отец Гоце Костов
Во оваа недела, 17 ноември 2024 година, Црквата го одбележува 8. Светски ден на сиромашните, луѓе кои на посебен начин имаат место во срцето на папата Фрањо. Можеме да кажеме дека и се во фокусот на неговиот понтификат, обидувајќи се да даде нов елан на Црквата во конкретизирањето на Исусовите зборови од Евангелието според Матеј: „Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (25,40). Вообичаено, како и во претходните години Светиот Отец упатува порака по повод овој ден, а оваа година насловот е земен од книгата Мудрост Сирахова: „Молитвата на сиромашните се возенсува до Бога“ (сп. Сирахова 21,5). Пораката во целост можете да ја прочитате на порталот Католици.мк. (прочитај)
Сиромаштвото не е само недостаток на материјални добра за задоволување на најважните потреби на поединецот, семејството или поголеми општествени групи, туку пред сé е недостаток на љубов, близина, нежност и почит.
Затоа посебно во оваа недела, но не и само оваа, повикани сме да го преиспитаме нашиот однос кон сиромашните и да размислуваме за три конкретни работи.
Првата би била за тоа како се однесуваме кон овие наши браќа и сестри? Дали најпрво имаме благородни чувства кон сиромашните и дали ги негуваме таквите чувства? Дали ги гледаме со презир и од високо? Светиот Отец папата Фрањо во неколку наврати во неговите официјални говори во изминатите години нé прашува: Кога им давате милостина на сиромашните, дали ги гледате во очи? Кога некој моли за помош, дали ја вртите главата на другата страна?
Втората работа е дали молиме за нив и нивните потреби, во заедништво со Црквата, но и во личните молитви? Колку си спомнуваме за нив?
Третата работа е дали преку конкретни дела на милосрдие им искажуваме љубов, близина и нежност, почитувајќи го нивното достоинство. Прашајте се колку дарувате за сиромашните, конкретно материјално. Кога последен пат се пуштиле некој денар во кутијата за сиромашни поставена во парохиската црква? Дали таа сума е помала од кафетo кое го пиете во кафетерија? Но не само тоа, дали некогаш сте поразговарале со некој човек во потреба, за да ги слушнете неговите страдања, да го утешите или барем да му упатите една блага насмевка и знак на охрабрување.
А ние христијаните од Македонија навистина сме привилегирани, затоа што имаме пример од нашето опкружување, светица која целосно се стави во служба на сиромашните, нашата светица од Скопје, Мајка Тереза. Токму неа папата Фрањо ја дава како пример на целиот христијански свет, спомнувајќи ја во неговата порака за 8. Светски ден на сиромашните во која пишува: Во овој контекст, убаво е да се потсетиме на сведоштвото кое ни го остави Мајка Тереза од Калкута, жена која својот живот го даде за сиромашните. Оваа светица постојано повторуваше дека молитвата е местото од каде ја црпела силата и верата за нејзиното послание во служба на последните. Кога, на 26 октомври 1985 година, зборуваше на Генералното собрание на ОН, покажувајќи ја бројаницата која секогаш ја држеше во рака, рече: „Јас сум само една сиромашна монахиња која моли. Молејќи, Исус во срцето ми ја става својата љубов и јас одам да им ја подарам на сите сиромашни кои ги среќавам на мојот пат. Молете се и вие! Молете се, и ќе ги забележите сиромашните околу вас. Можеби и на истиот спрат од зградата каде што живеете. Можеби исто така и во вашите домови постои некој кој ја очекува вашата љубов. Молете се, и очите ќе ви се отворат и срцето ќе ви се исполни со љубов“.
Останува на нас, преку молитва, да ги откриеме сиромашните кои живеат околу нас, а јас верувам дека ги има многу, можеби не толку за материјалниот леб, колку што е голема гладтта за Лебот на Животот, Христос.
Како што вели свети апостол Павле за себе во Второто послание до Тимотеј (4,7), така можеме да кажеме и за света Мајка Тереза дека го заврши патот, верата ја запази и дека го доби венецот на правдата од праведниот Судија. Тој венец на правда може да го добие секој оној кој го очекува доаѓањето Господово и го препознае, посебно во оние малите, кои се во најголема потреба.