Кога квадратните ореоли биле дел од христијанската уметност

Кога квадратните ореоли биле дел од христијанската уметност

Тркалезните, крстовидните, па дури и триаголните ореоли се релативно чести во христијанската иконографија. Но квадратните ореоли се нешто многу поретко и носат посебно значење.

Ореолите, познати и како нимбуси, се користеле во религиозната, епската и митолошката иконографија во различни традиции за да означат свети или возвишени личности. Во некои случаи, тие служеле и за истакнување на авторитетот на владетел или херој.

Всушност, Хомер често опишува блескава, натприродна светлина како да сјае околу главите на хероите во битка.

Христијанската уметност ја прифатила употребата на ореолите, најверојатно, во 4 век. На почетокот, само Христос бил прикажуван со крстовиден ореол, односно ореол со крст во него, или со некаков вид сјајна круна, како сонце што свети зад Неговата глава. Таквата претстава била делумно обликувана според класичниот лик на Sol Invictus, римскиот бог на сонцето.

Подоцна, Бог Отец понекогаш бил прикажуван со триаголен ореол, како симбол на Света Троица. Обичниот тркалезен ореол најчесто се користел во претставите на светците, Пресвета Богородица, чиј ореол подоцна во барокната уметност ќе се развие во круг од дванаесет ѕвезди, како и на пророците од Стариот Завет.

Но постојат и некои слики, особено од 6 век во јужна Италија, на кои се појавува квадратен ореол. Тоа е навистина невообичаено, а неговата употреба има многу конкретна причина.

Квадратните ореоли најчесто се користеле за да ги означат живите дарители или личности што овозможиле создавање на одредено уметничко дело, на пример мозаик, црква или друг литургиски проект.

Повеќето likobi што ги среќаваме со квадратни ореоли се папи, игумени или други црковни личности што нарачале изградба на црква, јавна зграда или дело поврзано со црковната уметност.

Затоа квадратниот ореол не означувал дека личноста е светец. Тој бил знак дека станува збор за современа, жива личност, која била прикажана заедно со светците, но требало јасно да се разликува од нив.

Во христијанската уметност, квадратот често бил сфаќан како симбол на земјата, со нејзините четири страни или насоки, и на земското постоење. Кругот, пак, се разбирал како симбол на бескрајноста, на вечноста и на вечниот живот.

Така, квадратниот ореол станал еден вид визуелен знак: оваа личност е сè уште на земјата, сè уште е дел од историјата, но е прикажана во близина на светото.

Иако денес квадратните ореоли изгледаат необично, тие се важен потсетник дека христијанската уметност има богат и прецизен јазик. Во неа формите не се случајни украси, туку носат богословско и симболично значење.

Алетеја/к.мк

Категорија: Uncategorized

За авторот