Во интервју за Ватикан њуз, префектот на Дикастеријата за Источни цркви се осврна на неговото именувањето за кардинал и го истакна мачеништвото што со себе го носи тоа именување. Зборуваше за мировната мисија што ја посакува папата Фрањо поради војната во Украина, земјата каде што беше нунциј, предупредувајќи на слоевитото минато на тие региони. Сепак, истакна: нашата дипломатија не е дипломатија на калкулации, таа е дипломатија на можни утопии.
Италијанскиот надбискуп Клаудио Гуџероти од Верона е меѓу групата нови кардинали чии имиња беа прочитани од папата Фрањо за време на пладневното обраќање во недела, на 9 јули 2023 година, најавувајќи го следниот конзисториум што ќе се одржи на 30 септември. Префектот на Дикастеријата за Источни цркви од јануари оваа година, претходно беше апостолски нунциј во повеќе земји од источнохристијанската традиција: од 2002 година во Грузија, Ерменија и Азербејџан, 2011 година во Белорусија; во Украина од 2015 до 2020 година; а потоа и во Велика Британија.
Осврнувајќи се во интервју за Ватикан њуз на веста за именувањето, која, како што рече, била неочекувана за него, монсињор Гуџероти рече дека тоа го гледа пред се како одговорност што ја смета за особено важна, но и тешка, бидејќи виолетова не е виолетова боја на слава, туку на крв. Во мојата мисија, како нунциј, видов многу крв – истакна тој. Видов како многу луѓе плаќаат данок со крв за Христа, но и едноставното насилство на кое беа изложени многу луѓе се разви во оваа форма. Сега Папата, а претходно и Бог, од мене бара подготвеност да бидам верен на Црквата и на Папата па и да го дадам мојот живот, ако е потребно.
На забелешката на новинарката дека неговото именување е на некој начин поврзано со именувањето на Неговото Блаженство Патријархот Пицабала, имајќи ја предвид реалноста на Црквата на Исток, регион каде што сѐ уште владее насилство, надбискупот рече дека навистина се пронашол во зборовите на латинскиот патријарх на Ерусалим. Тој истакна дека, јурисдикцијата на дикастеријата што ја предводи не се однесува само на Блискиот Исток, туку и на Етиопија, Еритреја, Украина, речиси сите области – како што рече – кои моментално доживуваат посебно крвав период, бидејќи христијанскиот исток отсекогаш бил област на верност кон Христа до мачеништво. Да се потсетиме што беа големите Источни цркви кои сега се сведени на многу малку луѓе; и тоа не е случајно, туку затоа што насилството на луѓето и културите речиси доведе до нивно исчезнување.
Комисија за новомаченици
Надбискупот Гуџероти затоа изрази задоволство што папата Фрањо ја формираше Комисијата за новомаченици, бидејќи тоа е продолжение на интуицијата на Иван Павле II кој во тоа време внесе голема новина во Црквата и која сега, уште подрадикално, нè води кон единство, до заедништво во мачеништво, што е навистина тајна скриена во Бога, бидејќи ги надминува сите граници и бариери меѓу Црквите, меѓу религиите, а во овој случај посебно меѓу христијанските деноминации.
Мисијата на кардинал Зупи
Што се однесува до мисијата на кардинал Зупи прво во Киев, а потоа и во Москва, надбискупот потсети дека тој бил нунциј во Белорусија, Украина и Грузија и посочи дека зад сè има слоевитост на причините што ние на Запад често воопшто не ги познаваме. На исток, ако сакате да ја разберете денешницата, треба да го разберете минатото, а ако сакате да ја разберете иднината, таа е уште повеќе вкоренета во она што се случува. Мисијата на кардиналот Зупи е тешка поради слоевитоста на овие проблеми – истакна надбискупот Гуџероти.
Тој додаде дека папата Фрањо секогаш барал и посакувал мир надвор од секоја разумна можност, а тоа произлегува од неговата длабока вера, вера која е надвор од разумот; а љубовта е несомнено пред и по разумот. Политиката на Папата отсекогаш била и останува политика на надеж над надежта. Нашата дипломатија не е дипломатија на калкулации, туку дипломатија на можни утопии – потенцира надбискупот.
Синода
Осврнувајќи се на Епископската Синода, новоименуваниот кардинал рече дека на тоа гледа со голема надеж. Не знам што ќе поттикне Светиот Дух, бидејќи човечките иницијативи се секогаш подготовка. Светиот Дух нè изненадува исто како што го изненади Вториот ватикански собор и бројни други настани во историјата – истакна монсињор Гуџероти и забележа: Да се потсетиме дека не се славиме себеси, ниту нашите успеси, ниту нашите подготовки, туку расположливоста на нашите срца за вдахновенијата на Духот. Секоја прилика во која Духот може повидливо да дува во изобилство станува празник на Црквата. Јас тоа така го разбирам. И оваа конзистентност, речиси како почетокот на синодата, не е ништо повеќе од потсетување за нас, новите кардинали, да чекориме во духот на синодата и во синодалноста што ја сочинува самата природа на Црквата како заедница.
Хармонија меѓу христијанскиот Исток и Запад
На крајот, на прашањето дали ќе се постигне хармонијата што толку многу ја посакува папата Фрањо, договорот меѓу христијанскиот исток и запад, монсињор Гуџероти го спомена неговиот неодамнешен престој во Египет, како член на Мешовитата теолошка комисија меѓу Католичката и Православната црква, и ја истакна многу добрата атмосфера на лично ниво. Се разбира, – рече тој – едно е личната близина, а друго се историски оптоварувања поврзани и со развојот на настаните што ги одбележаа нашите односи. Силата на личните контакти треба да биде толку силна и полна со љубов што ќе може да ги помести сите оние товари што не спречуваат да се прегрнеме јавно како и приватно – истакна надбискупот Клаудио Гуџероти, префект на Дикастеријата за Источни цркви и новоименуван кардинал.
Ватикан њуз/к.мк