Карло Акутис и основачот на Мисионерите на Марија Утешителката ќе бидат прогласени за светци
Примајќи го во аудиенција кардиналот Марчело Семерарo, папата Фрањо ги одобри декретите кои го отвораат патот за канонизација на блажениот Карло Акутис и блажениот отец Џузепе Аламан. Покрај нив, за светци ќе бидат прогласени и група Фрањевци, маченици во Дамаск од 1860 година, додека за блажени ќе бидат прогласени еден мисионер од монашката заедница Предрагоцена крв и двајца маченици на комунизмот.
Папата Фрањо ќе свика редовен јавен конзисториум на кој ќе го одреди датумот на канонизацијата на блажените Карло Акутис и Џузепе Аламан. Ова го одлучи, примајќи го на 23 мај 2024 година кардинал Марчело Семераро, префект на Дикастеријата за прогласување на свети, потпишувајќи ги декретите кои се однесуваат на младото момче погребано во Асизи и основачот на Мисионерите на Марија Утешителка. Во соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол се наведува дека папата Фрањо одобри и декрети за канонизација на блажената Емануел Руиз и седумте придружници од редот на Малите браќа Фрањевци, како и тројца верници мирјани, убиени поради омраза кон верата во Дамаск, Сирија, во 1860 година.
Блажениот Карло Акутис е роден на 3 мај 1991 година во Лондон, Англија, а почина на 12 октомври 2006 година во Монца, Италија, откако заболел со леукемија на 15-годишна возраст. Папата Фрањо го прогласи за блажен во 2020 година во Асизи, каде Карло често одеше на ходочестие. Таму се и неговите посмртни останки.
Токму во Асизи започнува нескојдневната приказна за чудото што ќе доведе до канонизација на Карло. Меѓу многуте ходочесници, една жена, Лилијана од Костарика, доаѓа на неговиот гроб на 8 јули 2022 година. Клекнува, се моли и остава писмо, зборови на надеж. Имено, шест дена пред тоа, на 2 јули, нејзината ќерка Валерија паднала од велосипед додека се враќала дома во центарот на Фиренца, каде што студира од 2018 година. Резултатот од падот е многу сериозна траума на главата; следи операција, отстранување на десната окципитална коска за да се намали притисокот и многу мала надеж за преживување.
Тој 2 јули, секретарката на Лилијана почнува да му се моли на блажениот Карло Акутис, а на 8 јули самата Лилијана оди во Асизи. Истиот ден, болницата јавила: Валерија повторно почнала да дише спонтано, следниот ден почнала да се движи и делумно да зборува. Десет дена подоцна, на 18 јули, компјутерската томографија покажала дека крварењето исчезнало, а на 11 август Валерија била префрлена на терапија за рехабилитација. По само една недела, беше јасно дека целосното закрепнување е блиску. Така, на 2 септември, мајка и ќерка повторно одат на ходочестие во Асизи на гробот на Карло за да му се заблагодарат за неговото застапништво.
Ватикан љуз/к.мк