Карло Акутис – апостол на Евхаристијата

Карло Акутис – апостол на Евхаристијата

На 7 септември 2025 година, папата Лав XIV за време на светата Литургија на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан го прогласи Карло Акутис за светец, заедно со Пјер Џорџо Фрасати. Со тоа Католичката црква доби нови светци, кои се примери за денешните млади. Карло Акутис, петнаесетгодишен италијански тинејџер со својот живот и љубов кон Евхаристијата вдахновува милиони верници ширум светот.

Роден е на 3 мај 1991 година во Лондон, а израснал во Милано. Од најрана возраст покажувал силна љубов кон верата и Исус Христос. Често велел дека неговиот животен пат е воден од Евхаристијата, нарекувајќи ја „мојот автопат до небото“. Уште како дете започнал секојдневно да присуствува на света Литургија, а поминувал долги часови во молитва и обожавање пред Пресветата Причест.

Карло бил талентиран во областа на информатиката и технологијата, а својата вештина ја ставил во служба на евангелизацијата. На само 11 години започнал голем проект – изработка на дигитален каталог на сите евхаристиски чуда во историјата. Денес, оваа колекција е преведена на повеќе јазици и е достапна во парохии, училишта и светилишта ширум светот.

За Карло, животот бил едноставен, исполнет со љубов кон Бога и ближниот. Често велел: „Сите сме родени оригинали, но многумина умираат како копии.“

Карло се разболел од агресивна форма на леукемија и починал на 12 октомври 2006 година во Монца, на само 15 години. За време на својата болест, ја принесувал својата болка за Црквата и за Папата, покажувајќи извонредна зрелост и вера.

Папата Фрањо го прогласи Карло за блажен и го претстави како пример за младите христијани. Во својата апостолска поттик Christus Vivit, папата вели дека Карло покажува како технологијата и интернетот можат да станат средство за доброто и за ширење на Евангелието.

Денес, моштите на блажениот Карло се наоѓаат во Асизи, а неговиот гроб е место на молитва и бројни ходочестија. Илјадници млади гледаат на него како патоказ за живеење на светоста во современиот свет.

к.мк

Категорија: Колумни

За авторот