Кардиналот Пуљиќ се сретна со претседателот на Владата на Република Македонија Димитриев
На 12 септември 2016 година за време на својата пасторална посета на Скопје како специјален делегат на Светиот Отец папата Фрањо по повод благодарноста за дарот на канонизацијата на света Мајка Тереза, надбискупот и митрополит врхбосански и претседателот на Бискупската конференција на БиХ кардиналот Винко Пуљиќ се сретна со претседателот на Владата на Република Македонија Емил Димитриев во зградата на владата.
Во придружба на кардиналот Пуљиќ беше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монс. д-р Киро Стојанов и скопскиот парох дон Давор Топиќ.
На самиот почеток на средбата претседателот на Владата Димитриев му изрази добредојде на кардиналот Пуљиќ по повод одбележувањето на прославата во знак на благодраност за дарот на канонизацијата на света Мајка Тереза, и искажа дека присуствуваше на свечената света Миса за канонизација во Рим истакнувајќи дека канонизацијата е светски настан во кој се огледува добар живот, хуман и е оставена трајна вредност на човекот. „Како држава се вклучивме во прославата на Деновите на света Мајка Тереза затоа што таа навистина го заслужува во својот роден град.“
Кардиналот Пуљиќ ги пренесе поздравите на светиот Отец папата Фрањо и државниот секретар на Светиот Престол кардиналот Пиетро Паролин, велејќи дека неговото доаѓање во Македонија е во двојна улога како Папски пратеник но и како метрополит, затоа што Скопската бискупија е во состав на вхрбосанската митрополија. „Оддавам признание за многу убавата организација на оваа прослава во чест на света Мајка Тереза чиј настан даде една силна порака. Малку се оние жени кои целиот свет ги нарекува мајка, единствено Богородица, а еве токму света Мајка Тереза е гордост на Македонија и Индија. Верувам дека ќе знаете да ги живеете и да ги прокламирате вредностите која таа ги живееше и носеше. Драгоцено е што ги именувавте некои објекти и институции по името на Мајка Тереза, а најважно е од света Мајка Тереза да се научи да се љуби човекот.“
Кардиналот рече дека знае дека Спомен куќата на Мајка Тереза е најпосетувано место, нагласувајќи дека со време ќе треба да се размисли за барање на адекватно и поголемо место за светилиште во чест на оваа светица која е родена во овој град. Исто така нагласи дека државниот секретар на Светиот Престол кардиналот Паролин сесрдно го поддржува местото Паљурци каде минуваше свети Павле, истакнувајќи ја надежта дека државата што поскоро ќе изнајде решение и ќе даде историско, културно и туристичко значење.“
Кардиналот истакна дека е вистинска драгоценост што во уставот на Македонија е истакнато дека бракот е заедница меѓу мажот и жената, и го нагласи значењето дека општеството треба да ги чува вредностите на животот и семејството, а исто така даде искуство на важноста и праксата на организирање на веронаука во училиштата како значаен елемент за воспитание на целокупната личност. „Благодарам за средбата и носам убави спомени од Македонија“ шегувајќи се „не мислам на моментите кога имаше земјотрес“, и цитирајќи извадок од Светото писмо „Добар е стравот кој Бог го дава.“
Претседателот на Владата Димитриев на крајот на средбата му заблагодари на кардиналот Пуљиќ за доаѓањето на средбата и рече дека Светиот Отец папата Фрањо е повикан во Македонија и го замоли кардиналот да ги пренесе неговите поздрави до папата Фрањо, и дека би било од голема важност Папата да дојде во Македонија која е христијанска земја.
к.мк