Кардинал Сара именуван за префект на Конгрегацијата за обреди и Свети Тајни

Папата Фрањо го назначи кардинал Роберт Сара за префект на Конгрегацијата за обреди и Свети Тајни, кој до тој момент беше претседател на Папскиот совет “Cor Unum”. Од август годинава местото за префект на ватиканската Конгрегацијата за обреди и Свети Тајни беше непотполнето, откако Светиот Отец го именува кардинал Антонио Канизарес Ловера за архиепископ на Валенсија.

Кардинал Роберт Сара е роден 1945 година во Урус, Гвинеја. По свештеничкото ракополагање, завршува магистерски студии по теологија на Папскиот универзитет Грегоријана во Рим, специјализирајки за Светото Писмо во Папскиот библиски институт и библискиот институт во Ерусалим.

По враќањето во татковината е назначен за парохиски свештеник, но истовремено е и ректор на богословијата „Иван XXIII” во Киндија. Во 1979 година папата Иван Павле II го назначи за архиепископ на Конакри. Поради неговата возраст, со само 34 години, Иван Павле II го нарече “дете епископ”, бидејќи при хиротонијата станува најмлад епископ во светот.

По напорните години пасторална работа во Африка, во 2001 година папата Иван Павле II го назначува за секретар на Конгрегацијата за евангелизација на народите. Оваа служба ја извршува девет години, до 7 октомври 2010, кога папата Бенедикт XVI го именува за претседател на Папскиот совет “Cor Unum”. На Консисториумот на 20 ноември 2010 од папата Бенедикт XVI е назначен за кардинал.

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот