Сите наши католички заедници ги повикавме на мир, да не ја земаат правдата во свои раце и погребите да се одвиваат во мир.
По нападите во Коломбо, во Шри Ланка се смета дека повеќе од 290 има загинати и 500 ранети. Нападот го извршија седум самоубијци. Гласноговорникот на владата изјави дека зад нападите стои локалното исламистичко движење Национален џамат (NTJ). Меѓутоа потсекретарот на владата подоцна додаде дека се работи за меѓународна мрежа без која тие напади не би успеале. Владата прогласи вонредна состојба и ги фати осомничените. Од крајот на граѓанската војна во 2009 година, нападите кои се случија на Велигден во цркви и хотели беа најнасилни.
Кардиналот Алберт Малколм Рајнит Патабендиге Дон надбискуп на Коломбо и претседател на Епископската конференција во Шри Ланка за Радио Ватикан рече дека веднаш откако ја слушнал веста отишол да ја посети црквата во Коломбо каде загинаа 50 луѓе. Нападот се случил за време на неделната велигденска света Миса. Во црквата имало многу луѓе, а бомбашот самоубиец влегол и се разнесол и предизвикал смрт, ранување и голема материјална штета.
Веднаш после тоа слушнавме за бомба која експлодирала во друга црква во малиот град северно од Коломбо и предизвика повеќе од 120 загинати и ја уништи самата црква – рече кардиналот и напомена: Не знаеме кој го направил тоа, ниту како се случило тоа. Владата и полицијата истражуваат затоа се надеваме дека наскоро ќе биде пронајден вистинскиот сторител. Околу 500 лица се ранети. Беше Велигден црквите беа полни – рече кардиналот и додаде дека апелирал за доброволно дарување на крв.
Христијанската заедница е во страв и чувствува несигурност затоа што немаме сигурни вести – рече кардиналот Рајнит и продолжи: Велат дека постојат мали групи кои сакаат да убиваат. Упативме апел до владата и службите за бебзбедност да истражат и да ги пронајдат одговорните за таква ситуација да не се повтори. Тоа мора да се истражи на конкретен начин. Може да изгледа како тоа да го направила некоја издвоена група но можеби постојат и други податоци за тие напади. Сите наши католички заедници ги повикавме на мир, да не ја земаат правдата во свои раце, и погребите да се одвиваат во мир.
Упатив апел до католиците да го следат примерот на Исус Христос кој на крстот им простил на оние кои Го распнале – рече кардиналот Рајнит и додаде: Бевме изненадени од тој напад затоа што веќе десет години немало таков случај. Околностите беа доста мирни и туристите повторно започнаа да доаѓаат. Обновена е економијата и имавме голема надеж. Имаше некои тензии помеѓу исламската заедница и мнозинското население, но не верувавме дека ситуацијата е толку тешка за да се случи напад од таков вид.
Зад сето тоа стои некој на меѓународно ниво – рече кардиналот Рајнит и нагласи: Нне може да кажеме кој и да го впериме прстот против некоја заедница, мора да бидеме паметни. Ако владата постапува според своите овластувања и добро го истражи овој случај ќе може да ги пронајде тие мали групи и да ги онеспособи; тогаш ситуацијата повторно би се вратила во редовната состојба. Помеѓу исламската заедница и другите заедница има мир и хармонија. Тие односи можеме уште повеќе да ги развиеме.
Разговарав со некои ранети лица кои ги посетив во болница. За жал некои семејства ги загубиле сите: таткото, мајката и децата. Сите загинале во истиот напад. Тоа е многу тажно, оделе на молитва, оделе кај Господ. Верувам дека најдобрата помош која меѓународната заедница може да ја даде е да ја сфати ситуацијата и да им помогне на владата и на верските водачи да најдат решение без премногу мешање во внатрешната политика на земјата.
Ватикан њуз/к.мк