Кардинал Паролин ja благослови бискупската резиденција во Скопје
Во петокот, 18 март 2016 година државниот секретар на Светиот Престол кардинал Пиетро Паролин ја благослови и ја инаугурираше новата бискупска резиденција во Скопје во присутност на Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. Киро Стојанов, претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, премиерот на државата Емил Димитриев, апостолскиот нунциј монс. Анселмо Гвидо Пекорари, поглаварите на верските заедници како и дипломатскиот кор.
По пригодната музичка нумера, поздравен говор упати месниот бискуп монс. Киро Стојанов кој ги поздрави присутните, а на кардиналот му се обрати со зборовите: „среќен сум што дојде време, токму Вие кардинале, да ја благословите новата бискупска резиденција која сака да биде дом со отворени порти, а уште повеќе да биде дом со отворено срце за секој верник на оваа бискупија и егзархат. Со најдлабоко почитување, Ве поздравувам.“
Потоа бискупот Стојанов им заблагодари и на сите донатори, велејќи: „Дозволете ми во Ваше присуство да им заблагодарам на сите оние кои ја овозможија изградбата на оваа резиденција во која се наоѓаат седиштата на Скопската бискупија и на Апостолскиот егзархат, зашто без нивната помош и љубов денес не би биле овде. Затоа од срце им благодарам за нивната помош.“
По поздравниот говор на бискупот Стојанов, на присутните им се обрати кардиналот Паролин, кој меѓу другото рече: „Овој град кој што тешко страдаше во земјотресот кој што се случи во 1963 година, денеска станува еден модерен европски град кој брзо се развива и станува центар на Македонија. Оваа земја е спој на Истокот и Западот и точка каде што се среќаваат различни културни струи, од стариот Рим до големите европски и источни азиски цивилизации“.
Говорејќи за католичката заедница во Македонија, кардинал Паролин рече: „Оваа католичка заедница има вековна традиција, без обзир што таа е мала, легитимно соработува во општествениот живот носејќи ги во општеството христијанските вредности. Една ќерка на вашиот народ, Мајка Тереза беше протагонист на црковната грижа за човековите страдања за најсиромашните меѓу сиромасите. Таа имаше отворен дух и срце за мажите и жените од секоја раса и националност.“
Кардиналот Паролин потоа завршувајќи го својот говор рече: „Благодарен сум му на монс. Стојанов што ја отвори оваа куќа која ќе го угостува апостолскиот нунциј за време на неговите активности во оваа земја. На тој начин оваа резиденција станува мал дел на Светиот Престол во вашата земја. Благодарам и на сите локални и меѓународни институции кои допринесоа во изградбата. Нека Господ стоструко ги награди и благослови. “
****
Потоа кардиналот Паролин го преводеше обредот на благословување. По молитвата, кардиналот со света вода ги испрска ѕидовите на резиденцијата и се упати во зградата на резиденцијата, а во тој момент се огласија звуците на трубите кои на посебен начин придонесоа за свеченоста на овој настан. Тогаш кардиналот, заедно со бискупот Стојанов ја разгледа зградата, а бискупот Стојанов го информираше за текот на градежните активности, нагласувајќи дека изградбата на овој објект е најзначаен проект по изградбата на Катедралата.
По обиколката на резиденцијата, заедништвото со сите присутни продолжи со пригодно агапе во трпезаријата на резиденцијата.
к.мк/Е.М.