Калдејската Црква: Посланието на свештениците во Ирак

Непосредно со Годината на Милосрдието, која ја прогласи папата Фрањо, Калдејската црква, и покрај длабоката криза која го зафати Ирак, подготвува средба на клерот на кој ќе се разговара за обновување на пасторалното делување и црковната мисија во државата и дијаспората.

Средбата ќе се одржи на 21 и 22 јуни во Ербил, во ирачки Курдистан, каде што стотина илјади христијански бегалци од Мосул и од долината Нинивија пронајдоа засолниште, бегајќи во 2014 година пред насилството на таканаречената Исламска држава. Средбата ќе биде можност за разговор за евангелизација и улогата на свештениците во заедницата – истакна калдејскиот патријарх Сако.

Послание на Калдејската Црква и улогата на клерот во Ирак

Во документот објавен на веб-страницата на патријархатот, кој го пренесува агенцијата  AsiaNews, патријархот Сако ја истакнува итноста од обновување на мисијата на Калдејската Црква и улогата на клерот во Ирак. Тој се повикува на учењето содржано во Евангелието за хумано, духовно и национално будење пред сегашните предизвици, ризици и искушенија.

Егзодусот ја заостри кризата на христијанскиот идентитет

Ирак одамна е зафатен со длабока криза, не само политичка, не само предизивикана од рушењето на институциите и владата, туку и општествена и безбедносна, со постојани атентати во главниот град и другите краеви на државата, во кои најмногу страда цивилното население. Христијанската заедница, исто така, преживува длабока криза преку егзодусот на речиси половина од населенеито, кое бара засолниште надвор од државата.

Одраз на кризата врз свештеничките звања и мисијата на Црквата

Брзата промена во политиката и во општеството, после падот на режимот на Садам во 2003 година, поттикна големо насилство и влијаеше во сите сфери од животот, вклучувајќи го и свештеничкиот. Ова пореметување поттикна „разнолики важни прашања“ кои се однесуваат на свештеничките звања и на денешната мисија на Црквата. Иднината на Калдејската црква зависи најмногу од квалитетот на нејзиниот клер, а црковните поглавари мора да смислат нови начини за управување, формација и обука за да може да се одговори на сегашните проблеми во Ирак и во дијаспората.

Како да се живее и делува во Ирак?

Патријархот спомена низа точки за разгледување, подготвувајќи се за ербилската средба во јуни, наведувајќи примери како да се живее звањето и мисијата во непредвидени околности; како да се сведочи Евангелието со радост, надеж, преданост и восхитеност; да се обидеме со проповедите позитивно да влијаеме на срцето и душата на верниците; зашто сè повеќе верници се придружуваат на евангелските групи, ако рамнодушноста и напуштањето на свештениците е причина за криза; потоа инкултурацијата и дијалог со нехристијаните и на крајот како да се усогласи пасторалното делување со молитвата и медитацијата.

Свештениците како знак на надеж за верниците

Анализирајќи ја улогата на клерот, калдејскиот патријарх потсети на евангелскиот повик на љубов и служење, на грижата за најранливите како и тоа дека свештениците секогаш треба да бидат надеж за верниците, освен тоа,  ги спомна и оние кои ја злоупотребуваат власта поради сопствена добивка затоа што тоа ја оштетува Црквата и ги поткопува нејзините темели. Патријархот ги поттикнува сите калдејски верници да гледаат во Христос и да го живеат животот согласно со христајнството. Патријархот ги поттикна свештениците да не се сметаат за безгрешни, туку да ги признаат грешките и да настојуваат да ги поправат, а не да ги притајуваат. Ги повика сите сериозно да се подготват за средбата, која би требало да го зацрврсти звањето и да даде нов раст на мисијата на Црквата.

РВ/Б.Р.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Uncategorized, Свет

За авторот