Преку нашите молитви, постот и верата во Христос демоните веднаш паѓаат. Но, тие и ако паѓаат, не мируваат. Повторно се приближуваат, итро и лажливо, поставувајќи други замки.
Сатаната многу сака да го искушува човекот токму во пустината. Зошто? Затоа што Бог сака да му зборува на човекот токму во пустината. Пустината е, всушност, бојно поле во кое монахот се обидува да се бори, и особено се обидува да се спротивстави на лукавствата на ѓаволот. Свети Антониј Пустиник оставил сé и отишол во пустината – престојувалиштето на Сатаната. Сатаната таму не го посакува. Знае дека Антониј му е голема опасност. (…)
Натприродниот свет постои и секогаш нé следи. Не само светот на светлината, туку и светот на темнината. Само човекот чиј дух е особено извежбан може да допре надвор од реаланиот свет и да го види она што се случува во натприродниот свет. Само мал број луѓе можат ја видат и во себе да ја живеат големата битка која отсекогаш се одвива на небото помеѓу Бога и Сатаната. Наведените настани биле неверојатен судир помеѓу Антониј, млад човек кој станал монах, и Сатаната. Тој судир е многу сличен на оној кој се случува помеѓу егзорцистот и Сатаната.
Кога ѓаволот видел како живее свети Антониј, му станал завидлив. И затоа не го губел од вид. На почетокот правел сé за да го одврати од неговите аскетски вежби. Го искушувал на тој начин што му го враќал сеќавањето од времето кога бил богат, кога имал безгрижни денови во семејството. Потоа го искушувал со пари, храна и суета. Душата на Антониј малку била потресена и збунета, што било знак дека Сатаната добро го искушува.
Сатаната преку ноќта го искушувал на сите можни начини, а преку дента го мачел со ужасни мисли. Антониј се борел со единственото оружје кое го имал – молитвата. На блудните искушенија реагирал со пост. Молитвата и постот многу бргу станале неосвојива тврдина за Сатаната. Преку ноќта Сатаната му се појавувал во неговата ќелија во лик на преубава и привлечна жена. Антониј на ова искушение реагирал со уште поголема молитва и пост. (…)
Кога свети Антониј го прашал „Кој си ти со мене така да зборуваш“, Сатаната му одговорил: – „Јас сум пријател на блудноста кој ги опседнува младите. Моето име е дух на блудноста. Колкумина заведов кои сакаат да живеат чисто! Колкумина луѓе измамив кои живееле истрајно! Јас сум оној кој честопати те мачи и кого ти многу пати си го одбил.“
-„Затоа достоен си за презир. Црн си во душата и телото. Впрочем, не ми е грижа за тебе. Господ е мојата помош и ќе ги поштедам своите непријатели.“
Многу луѓе почнале да доаѓаат кај Антониј. На некој начин почувствувале дека тој е Божји човек и затоа оделе кај него. Преку ноќта никој не можел да се приближи до местото каде што живеел.
Кога понекогаш извиците станувале посилни, нападите кога станувале пожестоки, тогаш погласно се слушал и гласот на Антониј како пее: „Нека се појави Бог! Да се разбегат непријателите негови! Пред лицето негово нека побегнат сите мрзители негови. Како што чадот исчезнува, така и тие нека распрснат. Како што восокот се топи пред огнот, така нека исчезнат грешниците пред лицето Божјо.“
Антониј преку дента примал многу луѓе и на сите така им проповедал: „Преку нашите молитви, постот и верата во Христос демоните веднаш паѓаат. Но и ако паѓаат, тие не мируваат. Повторно се приближуваат, итро и лажливо. Затоа што не успеале да го заведат срцето со помош на задоволствата, поставуваат други стапици и обликуваат слики така што имитираат и се преобразуваат во жени, ѕверови и змии. Но од тие слики не треба да се има страв. Тие се Ништо и бргу исчезнуваат. (…)
Битно нет/З.А.