Искористи го паметно последниот ден од годината: Моли за прошка и простувај!
Некоја посебна таинственост носи последниот ден од годината… Ние тоа го нарекуваме стара година, а тоа всушност е последниот ден од годината која е зад нас. Старата година е како врвот на планината од кој можеме да ги видиме 365 поминати денови и ако биле исправни на нив да се одмориме, да здивнеме или да се жалиме што тие денови биле празни .
Старата година е последниот повик оваа година да ја направиме среќна, без оптоварувања, болести и грижа на совеста да влеземе во нов период од животот. Тој е последниот повик да направиш уште нешто добро и оваа година да ти изгледа секогаш среќна, на неа да се враќаш како на благослов за својата иднина.
Не вреди ништо тој ден ако само се закопаш во песокот на грижите, во подготовката за дочекот на Новата година. Подобро на овој ден собери се во својата совест за да му простиш на секој човек, да молиш да ти се прости и лично да се помириш со небото кое единствено дава нешто во Новата година. Барем на последниот ден од годината треба на себе да си припаѓаш. Барем на тој ден можеш да се засакаш себе и својот живот, да го утешиш своето срце, својата совест повоторно да ја расветлиш и да ја направиш радосна. Барем денес можеш да им простиш на своите домашни, можеш да посакаш да бидеш поинаков, задоволен, среќен.
Часовите и минутите те предупредуваат дека насокоро ќе биде полноќ и дека е важно да се донесат животни одлуки за доброто и за светот. Запри ги работите и седни некаде во некое мирно катче и пронајде се себе, својот живот, својата душа, својата иднина. Слушај ја тишината која те опкружува и потони во мирот. Во таа смиреност која ќе те обземе кога ќе одлучиш дека ништо повеќе не е важно освен ти и овој момент од твојот живот ќе те заплисне присуството на Некој Кој кон тебе негува неизмерна симпатија, Некој Кој можеби веќе 365 дена не успеал да допре до тебе.
Бог Кој стана човек ќе ти се приближи. Тој го сака твоето друштво. Тој апсолутно во сè те разбира и воопшто не те осудува за ништо. Сега заедно со него погледни во годината која изминала, погледи што би требало да промениш за твојот живот да биде целосен и посреќен. Научи се од последните денови да направиш први денови, претвори ја загубата во добивка. И не дозволувај деновите да ти поминат празни. Овој е ден на благодарност, ден на планирање. Денес на последниот ден започни да живееш од почеток.
д-р Томислав Иванчиќ/к.мк/Д.И.