Индија: Кардиналот Грацијас со понизност ќе го советува Светиот Отец
Ватикан, 19.4.2013 /к.мк/ – Индискиот кардинал Освалд Грацијас би сакал со понизност да му помогне на Папата, да се простудираат потребните реформи на Црквата во светот како и реформите во Римската курија. Ова го изјави архиепископот од Бомбај кој беше повикан да биде дел од гремиумот за совет за папата Фрањо, кој се состои од осум кардинали.
Според новинската агенција Азијањуз кардиналот ја нагласи намерата на папата, во овој гремиум да биде претставена целата Црква во светот. Претседателот на Епископска конференција на Индија е исто така претседател и на здружението на Епископските конференции на Азија и како единствен Азиец го претставува азискиот континент во новиот гремиум.
„Азија“, подвлече кардиналот, е „позната по тоа“ да претставува мозаик на античките култури и јазици, а е и најголемиот и најбројниот континент на светот.
Азија е татковина на најмалку 60 проценти од светската популација. Истовремено е многу „млад“ континент, околу 40 проценти од населението се на возраст под 14 години. Заедничкиот живот на најразличните религии, вели кардиналот, е една од најважните карактеристики на континентот, кој инаку се соочува со многубројни проблеми како сиромаштија, неправда и еколошка катастрофа.
Многу од овие сложени проблеми можат да се решаваат само преку дијалог, вели Грацијас. Овој дијалог мора да започне од здравите азиски основни вредности, но исто така и со критиката на модерната култура која е премногу ориентирана кон економските случувања.