Папата Фрањо: Смртта не е потполно уништување на човекот

Папата Фрањо: Смртта не е потполно уништување на човекот

Светиот Отец во четврток 5 ноември 2020 година ја предводеше светата Литургија за покојните шест кардинали и 163 епископи кои починаа во текот на последните 12 месеци. Папата светата Литургија ја служеше со присуство на многу мал број верници.

Во хомилијата се осврна на Исусовите зборови „Јас сум воскресение и живот“ од Евангелието за воскресението на Лазар, како и исповедта на Марта: „Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светов.“

Исусовите зборови и даваат надеж на Марта за идното воскресението и нѐ предизвикуваат нас „да веруваме во воскресението“ како реалност која и „денес таинствено делува во нашите животи“. Соочени со смртта доживуваме тага и збунетост. Но со Исусовата објава, способни сме да ги забележуваме невидливите реалности и да ги гледаме работите во светло на вечноста. Оние кои работите ги гледаат само од земска гледна точка не можат да го разберат Божјиот план за оние кои ги љуби. Меѓутоа, кога ги гледаме работите од Божјо гледиште, смртта повеќе не ја сфаќаме како ‘несреќа’, туку како „промислен чин на Господ чии мисли не се како нашите“ – рече папата Фрањо.

„Додека се молиме за кардиналите и епископите кои почина во текот на оваа измината година, го молиме Господ да ни помогне правилно да ја разгледаме параболата за нивните животи“. Папата се помоли на Бог да ја „отстрани секоја несвета тага, од која повремено се плашиме, дека смртта е крај на сѐ“. Сите луѓе имаат почувствувано страв, дури и верниците мора постојано да ја обновуваат верата во воскресението“ – рече Папата.

Смртта не е ‘потполно уништување на човекот“ – нагласи Светиот Отец, туку мораме да веруваме во Господ кој ни зборува: „Јас сум воскресение и живот“. Овие Исусови зборови „прифатени со вера, ја прават нашата молитва за нашите покојни браќа и сестри вистинска и христијанска“ – објасни Светиот Отец.

Ова гледиште ни дава вистинско, ‘реалистично’ сфаќање на животот за оние кои заминаа пред нас и ни помагаат да го ‘разбереме значењето на животот кој не се стреми за земската татковина, туку за подобра, небесна татковина’.

Молитвата за покојните е корисна и за оние кои остануваат да живеат на оваа земја – истакна Папата. „Тие ни го даваат вистинскиот поглед на животот; тие ни го откриваат значењето на искушенијата кои мора да ги поднесеме за да влеземе во царството Божјо; тие ни ги отвораат срцата кон вистинска слобода и постојано нè вдахновуваат да ги бараме вечните богатства“.

Живеењето на оние кои го следат Господ се обликуваат од желбата да се направи она што е пријатно за Бога, додаде папата Фрањо. „Така, со благодарност го паметиме сведоштвото на покојните кардинали и бискупи, дадени со верност на Божјата волја. Се молиме за нив и се обидуваме да го следиме нивниот пример“.

Светиот Отец ја заврши проповедта со молитва до Бога да продолжи да го излева врз нас својот Дух на мудроста, особено во овие времиња на искушение, додавајќи дека Господ „не нè напушта, туку останува меѓу нас, секогаш верен на своето ветување: „Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот.“ – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот