Зошто да не објавувате содржини за вашите деца на социјалните мрежи

Зошто да не објавувате содржини за вашите деца на социјалните мрежи

Постојат најмалку пет причини да не објавувате содржини за вашите деца на социјалните мрежи

Многу родители објавуваат настани, слики и видеа од своите деца на социјалните мрежи, бидејќи се горди на своите семејства и сакаат да останат поврзани со своите роднини и пријатели. Социјалните мрежи се исто така корисни за добивање совети и ни помагаат да се чувствуваме помалку осамени, бидејќи родителството може да биде навистина предизвик! И како родители ја разбираме желбата за споделување искуства во воспитувањето на децата.

Но, колку споделување е премногу и дали споделувањето на социјалните мрежи може да ги стави децата во ризик? Оваа статија ви нуди пет не толку очигледни начини како споделувањето информации може да им наштети на вашите деца, како и прашања што треба да си ги поставите пред да кликнете на „објави“.

Објавувањето на социјалните мрежи може да ја наруши приватноста на вашите деца

Иако малите деца можеби немаат никакво мислење за тоа што нивните родители објавуваат за нив на социјалните мрежи, тоа можеби нема да остане така како што растат децата. Според американската непрофитна организација Common Sense, децата на возраст од околу пет години почнуваат да развиваат чувство за себе како поединци и како остатокот од светот ги доживува. Тогаш нивната приватност станува за нив голема грижа. Може да се чувствуваат засрамено од содржината што нивните родители ја објавуваат за нив на социјалните мрежи, особено кога станува збор за анегдоти од раното детство, смешни фотографии и предизвици поврзани со развојот и однесувањето на детето.

Децата може да развијат чувство дека немаат контрола над сопственото тело и вредности поради споделување погрешна содржина на социјалните мрежи. Децата всушност немаат шанса да им противречат на своите родители за објавувањето фотографии после бањање и други чувствителни фотографии на социјалните мрежи. Исто така, не се прашуваат ништо за политичките и општествените пораки што им ги наметнуваат родителите. На пример, што ќе мислат некои деца за транспарентите од избори што ги носеле или за маичките со слогани што им ги облекле нивните родители откако ќе ги погледнат тие слики како возрасни? Може да си мислат дека биле искористени како политички банери на Фејсбук профилот на нивните родители?

Вашите објави може да се користат за злоупотреба

Исто така, треба да размислите за тоа како другите ќе реагираат на она што го објавувате за вашите деца на социјалните мрежи. Без разлика дали вашите деца се заинтересирани за стари фотографии и приказни што ги објавувате за нив на социјалните мрежи, некои може да ги користат тие информации за да го исмејуваат, навредуваат или дури и да го злоставуваат вашето дете додека расте. Што го спречува соученикот на вашето дете да сподели фотографија од вашата страница на социјалните мрежи за која вашето дете смета дека е срамна? Што ако се прошири? Не е потребно многу за некои од шегите во семејството да станат предмет на исмејување во училиштето.

Можноста за злоупотреба не запира со луѓето што ги познавате. За да добиете увид во несовесните личности и анонимни луѓе на интернет, погледнете накратко само неколку од коментарите под видеата на децата на YouTube. Што ќе мисли вашето дете и како ќе се чувствува ако види дека вашата публика на социјалните мрежи не реагирала добро на вашата објава?

Пораките на социјалните мрежи можат да влијаат на иднината на вашето дете

„Тешко е, ако не и невозможно, да се контролираат информациите штом ќе бидат објавени на Интернет. Не можете да спречите никого да ја зачува вашата објава и сепак да ја споделува надвор од ваша контрола. Вашите избришани објави, иако навидум се избришани од вашиот профил, сè уште се присутни во архивата на веб-страницата и на серверите на социјалните медиуми. Имајќи го тоа на ум, треба да размислите дека фотографиите и приказните можат да влијаат на вашите деца кога ќе пораснат.

Реалноста е дека податоците објавени од родителите би можеле да бидат откриени од алгоритмите за пребарување на Google во годините што доаѓаат. И не знаеме какви цели ќе имаат нашите деца кога ќе пораснат“ – вели Стејси Стајнберг, заменик директор на Центарот за деца и семејство на Универзитетот во Флорида, Levin College of Law

Родителите треба да размислат како потенцијалниот работодавец ќе реагира на пронајдените чувствителни моменти од детството на социјалните мрежи. Тие исто така треба да се запрашаат како тоа ќе влијае на нивното дете ако одлучи да се кандидира за јавна функција или да има јавен живот.

Споделувањето содржина го става вашето дете во ризик од дигитално киднапирање

Дигиталното киднапирање е еден вид кражба на идентитет. Тоа се случува кога некој од социјална мрежа ќе земе фотографија од детето и ги користи со ново име и идентитет, често тврдејќи дека тоа е негово дете. Има бројни примери од неодамнешното минато, вклучително и инцидент од 2015 година кога непознато лице фотографирало 18-месечно дете од Фејсбук страница на мајката на едн аблогерка и ја објавила на нејзиниот Фејсбук профил навдувајќи дека е нејзин син.

Фотографија од вашето бебе може да биде украдена и за baby role-playing. Ако не сте запознаени со тоа што е baby role-playing, само напишете ги клучните термини #BabyRP, #AdoptionRP и #KidRP на социјалните мрежи. Станува збор за луѓе кои отвораат профили на социјалните мрежи за да објавуваат украдени фотографии од деца со лажни детали за детето на фотографијата. Понекогаш тие непознати лица се преправаат дека се деца кои одговараат на коментарите како дете или од детска гледна точка. Овие коментари можат да бидат вознемирувачки, иако не сите се злонамерни. Овие профили ги отвораат луѓе кои би сакале да бидат родители или деца. Сепак, ова е уште еден пример за тоа како можете лесно да ја изгубите контролата врз идентитетот на вашето дете кога објавувате информации за него на интернет.

Вашите објави на социјалните мрежи можат да привлечат опасни луѓе

Фотографии и видеа од деца објавени на профилите на нивните родители понекогаш се појавуваат на вознемирувачки сајтови и форуми, од кои некои се посветени на детската порнографија. Во еден случај, мајка од Нешвил се обидела да дојде до непознато лице кое споделило фотографија од нејзината ќерка. Таа ја следела фотографијата на страница што му припаѓа на маж во Кина. На таа страница ја нашла својата слика, заедно со многу други фотографии од мали девојчиња.

Ова не е толку невообичаено како што мислиме. Според австралискиот комесар за безбедност на децата на Интернет, постои страница која нуди најмалку 45 милиони фотографии, од кои најмалку половина се преземени од социјалните мрежи. Тие прикажуваа секојдневни семејни активности, но придружени со непримерни коментари.

Лесно се заборава дека објавите на социјалните мрежи може да содржат незабележителни показатели кои можат да им помогнат на луѓето да откријат каде живее детето, каде игра и оди на училиште. Објавите со информации како што се ознаки за место или знаменитости им даваат на странците, како и на агресорите можност да лоцираат дете и други членови на семејството. Ова е особено опасно за семејствата кои се обидуваат да ги решат споровите околу старателството или да побегнат од семејно насилство.

Што да направите ако споделувате содржина за вашите деца на социјалните мрежи

Разбирливо, сакате да споделите нешто за вашето семејство на социјалните мрежи. Ако одлучите да споделите нешто, прашајте ги вашите деца со што се согласуваат и да преземете некои мерки на претпазливост. Изберете ги вашите фотографии внимателно и ставете воден печат на оние што ги објавувате јавно. Замолете ги пријателите и семејството да се воздржат од објавување фотографии или видеа од вашите деца. И вклучете го вашето дете да избере што е соодветно за објавување. Овие разговори можат да помогнат да се спречат идни негативни чувства или да бидат од корист при подготовката на децата за живот во дигиталната ера.

Жена врсна/к.мк

 

 

Категорија: Семејство

За авторот