Синодското патување започна со евхаристиското славење на 10 октомври кое го предводеше папата Фрањо во базиликата Свети Петар. Присуствуваа приближно 3 000 лица – кардинали, епископи, свештеници, богосповетени лица и верници лаици. Овие денови Исус нѐ повикува да се ослободиме од тоа што е световно, да се запрашаме што Бог сака да ни порача во ова време, во која насока сака да нѐ води, рече Светиот Отец.
Повикувајќи се на Евангелието од неделата, Светиот Отец рече дека Евангелието често го прикажува Исус на пат, како оди покрај луѓето и ги слуша нивните прашања и грижи кои им се кријат во срцата. Тој ни покажува дека Бог не се наоѓа во уредените и убавите места, одалечен од реалноста, туку секогаш оди покрај нас, потсети Папата.
Денес кога го започнуваме овој синодски процес да се запрашаме сите – Папата, епископите, свештениците, лицата со посветен живот, верниците лаици, дали ние, христијанската заедница го овоплотуваме тој Божји „стил“, кој оди по патиштата на историјата и учествува во животот на човештвото? Дали сме подготвени за таа авантура? – запраша на почетокот на хомилијата папата Фрањо.
Да се слави синодата значи да се оди по истиот пат, заедно, истакна Папата. Огледувајќи се на Исусовиот пример во Евангелието, истакна три збора кои ја карактеризираат синодата: средба, слушање и расудување.
Нечии живот може да се промени со една средба
Зборувајќи за средбата, Папата се присети на прашањето на момчето кое во Евангелието го прашува Исус што треба да направи за да наследи живот вечен. Такво важно прашање бара внимание, време, желба за средба со другиот и чувствителност на она што го мачи. Господ не стои на страна, не делува вознемирен. Напротив, целосно е присутен. Отворен е за средба. Ништо не го остава Исуса рамнодушен, до сѐ му е дојдено. Исус ја овоплотува близината во средбата со луѓето, гледајќи ги во очите, слушајќи им ја личната приказна на секој поединец, рече Папата. Исус знае дека нечиј живот може целосно да се промени со една средба.
На почетокот на овој процес и ние сме повикани да станеме стручњаци во „уметноста на средбата“, нагласи Папата. Таа не се остварува толку во организираната средба или размислувајќи за проблемите колку со оделување време за средба со Господ и едни со други. Секоја средба, продолжи Светиот Отец бара отвореност, храброст и желба да бидеме предизвикани од присуството и приказните на другите. Понекогаш со задоволство би се засолниле во формалностите и конформизот, но искуството на средбата нѐ менува, не ретко отвора нови и неочекувани можности. Така Бог често нѐ насочува на нови патишта и нѐ повикува зад себе да ги оставиме старите навики.
Слуша ли Црквата со срцето?
Вториот збор е слушањето – вистинската средба единствено се случува со слушањето. Исус навистина го слуша момчето и не се плаши да слуша со срцето, не само со ушите, рече Светиот Отец. Не дава само одговор, туку на момчето му дозволува да ја раскаже својата приказна, слободно да зборува за себе. Тоа се случува кога слушаме со срцето: луѓето се чувствуваат слушано, а не осудено, се чувствуваат слободни да ги раскажат сопствените искуства и духовниот пат. Дали ние како Црква сме добри во слушањето, дали слушаме со срцето, повторно праша Папата. Учеството во синодата значи да се поставиш на истиот пат како Словото кое стана тело, рече Петровиот наследник. Значи да откриваш со восхит како Духот секогаш изненадува, да понудиш нови начини на говор. Да учиш како да слушаш, да ги избегнуваш површните и вештачки одговори, тоа е спора и понекогаш заморувачка задача. Духот од нас бара да ги слушаме прашањата, грижите и надежта на секоја Црква, личност и народ. Да не ги оглувиме нашите срца, затворени во сопствените безбедности, повика Светиот Отец.
Синодата е пат на духовно расудување
На крајот последниот збор – расудување, зборува за тоа дека средбата и слушањето не се самите по себе цел, кои оставаат сѐ како што било порано. Напоротив, кога влегуваме во дијалог, дозволуваме да бидеме предизвикани, да напредуваме на патот. На крајот не сме повеќе исти, променети сме. Исус по пат на дијалог му помага на момчето да расуди.
Синодата е пат за духовно расудување кое се остварува со Обожавање, молитва и во дијалог со Божјото Слово. Тоа Слово нѐ повикува на расудување и расветлување на тој процес. Ја води синодата, спречува да стане црковен собир, студиска група или политички конгрес, туку настан полн со милости, процес на исцелување кое Го води Светиот Дух. Овие денови Исус нѐ повикува токму како богатото момче да се ослободиме од она што е световно, вклучувајќи ги нашите затворени и истрошени паторални образци и да се запрашање што Бог сака да ни порача во ова време. Во која насока сака да нѐ води, рече Папата.
Да потсетиме дека синодското одење е поделено во три дела кое ќе се одвива во текот на следните две години – епархиско, континентално и универзално. Ќе опфати советување и расудување и ќе заврши во октомври 2023 го Рим.
Ватикан њуз/к.мк