Загледај се во крстот

Во животот секогаш не е лесно. Човечкиот живот е полн со изненадувања, потешкотии, полн со грижи и проблеми… Тоа е толку многу што ни се чини лош дури и не го гледаме сето она добро околу себе. Да го прифатиш проблемот – најтешко… Да се промениш себе – невозможно… И токму кога ни се чини дека сето тоа не е возможно, Бог ни дава време на милости. Четириесет дена прилика… Четириесет дена само за нас…

Крстот води до победа, до смислата на животот 

Ете ни можност, сестро и брате! Ден по ден, поминуваат минутите, поминуваат часови, а нам ни е сѐ истото. Исти луѓе околу нас, исти грижи и исти проблеми. Постојано ни приговараат за исти грешки кои ги правиме, ни укажуваат на истите мани кои ги имаме, нѐ опоменуваат поради истити пропусти кои ги повторуваме. И како сѐ на себе да мораме да промениме, како ништо на нас и во нас да не чини. Самите пред себе излегуваме лоши, излегуваме најлоши. Како да си помогнеме? Како да го направиме тој прв чекор и да започнеме навистина да се менуваме, да работиме на себе? Дали воопшто тоа е можно? Може, но не сам туку загледан во крстот. Во крстот кој зрачи со сила, во крстот кој ми дава сигурност, крстот кој ми го осветлува патот и го менува мојот живот. 

1545

Ми изгледа дека другите поради моите мани ме отфрлуваат – не се плашам, па и на Христос неговите го отфрлиле. Ми се излгеда дека не можам повеќе да ги носам своите проблеми – храбар сум, па и Христос паднал под крстот. Се плашам дека никој нема да биде со мене кога ќе биде најтешко – одам понатаму, па и Христос бил сам, но сепак Провидноста му ја испраќа Вероника. Се грижи Бог… Го земам крстот и тргнувам по Христос… Храбро, воодушевено, полн со младешка сила која ја носам во себе, а ако падне понекогаш знам дека Бог ќе го испрати мојот Симон Киринеец за да ми помогне. И не се сомневам во својот Бог затоа што знам дека крстот води до победа, крстот води до смислата на животот. Погледот на крстот го менува погледот на животот.

Со крстот на рамења и со Христос во срцето

Ако мислиш дека страдањето нема смисла и дека не вреди да поднесуваш болка и потешкотии, загледај се во крстот. Ако мислиш дека твоите секојдневни проблеми уништуваат сѐ што си успеал да создадеш, загледај се во крстот. Кога сите ќе те презираат, кога ништо не ти оди од рака, кога не знаеш како да тргнеш повторно – загледај се во крстот. Брате, сестро само загледај се во крстот и ќе сфатиш колку љубов сокрива. Загледај се во крстот и храбро тргни напред затоа што ти тоа го можеш, не сам, туку со крстот на рамењата, со Христос во срцето и со поглед вперен на крстот…

Загледај се во крстот и живеј!

Пасторал на млади/Д.И.

За авторот