Епископот Стојанов го воведе дон Карол Томашевски во служба во скопската катедрална парохија

Епископот Стојанов го воведе дон Карол Томашевски во служба во скопската катедрална парохија

Во недела, 6 септември 2026 година, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, за време на светата Литургија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, го воведе во служба дон Карол Томашевски како управител на катедралната парохија.

Со епископот Стојанов сослужуваа отец д-р Зоран И. Стојанов, отец Марјан Ристов, кумановскиот парох дон Томаш Бак и поранешниот катедрален парох дон Давор Топиќ.

За време на обредот дон Карол Томашевски вети дека верно ќе ѝ служи на Црквата и ќе ја извршува доверената пасторална служба во заедништво со епископот и верниците. Со чинот на воведувањето тој ја презеде пасторалната грижа за парохиската заедница „Пресвето Срце Исусово“.

Во своето обраќање епископот Стојанов истакна дека воведувањето на нов парох или управител е важен момент во животот на една парохиска заедница, бидејќи на свештеникот му се доверува грижата за духовниот живот на верниците, навестувањето на Божјото Слово, славењето на светите Тајни и градењето на парохиското заедништво.

Епископот ги повика верниците со молитва и соработка да го придружуваат новиот управител во службата што му е доверена и нагласи дека парохискиот живот се гради заеднички и активно учество во животот на Црквата.

На дон Карол Томашевски му посака верно и плодотворно служење, а на парохиската заедница да расте во верата и заедништвото и да биде живо сведоштво за Христовата љубов во Скопје.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот