Епископот Стојанов: Во Црквата секој треба да се чувствува како дома

Епископот Стојанов: Во Црквата секој треба да се чувствува како дома

Во Паљурци се одржа молитвено – работна средба, а во неговото обраќање епископот Стојанов истакна дека во Црквата секој треба да се чувстува како дома

Во сабота 23 октомври 2021 година на темелите на светилиштето Свети Павле во Паљурци се одржа молитвено – работна средба во рамки на синодалното патување на која присуствуваа свештеници од Струмичко – скопска епархија и Скопска бискупија, нивните семејства, монашките заедници, црковните движења и богослови.

Средбата започна со Молебен до Пресвета Богородица, кој го предводеше епископот Стојанов во заедништво со свештениците. Веднаш потоа се молеше и Света Бројаница, а по една десетка молеа свештениците, чесните сестри, сопругите на свештениците и присутните деца, а помеѓу секоја десетка се пееше богородична песна.

Во своето обраќање епископот Стојанов ја истакна важноста на синодалниот пат, како и придонесот кој може да го даде нашата месна Црква на Универзалната црква, но и за самата месна Црква, потсети и на синодалноста која ја живеат монашките заедници. Тој сите ги поттикна на активно учество во овој синодален процес и истакна дека во Црквата секој треба да се чувстува како дома.

Отец Гоце Костов, извршен координатор на Координативното тело за синодата ги информираше присутните за почетните активности, при што нагласи дека е многу важно да се поттикнат верниците и луѓето на учество во синодалното патување. Ги претстави материјалите кои им стојат на располагање, беше предложен начинот на кој треба да се одвиваат советувањата во парохиите и другите црковни реалности, како и групите кои треба да бидат опфатени. Исто така беа претставени и работните групи, како и тематскиот прашалник за парохиите и црковните реалности.

Средбата ја подготвија о. Тома Ангелов и о. Георги Динов.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот