Бискупот Стојанов ги прими аниматорите за млади

Во петокот 15 јули 2016 во резиденцијата на Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат на Водно, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. Киро Стојанов ги прими првите специјализирани аниматори од Македонија заедно со парохот на катедралната црква Пресвето Срце Исусово – Скопје  и декан на скопскиот деканат дон Давор Топиќ, заедно со неговиот капелан дон Јошт Мезег.

Средбата почна со обиколка на резиденцијата и со заедничка молитва во капелата предводена од бискупот Стојанов, по што младите имаа можност да ја разгледаат библиотеката како и салата за состаноци. Средбатата продолжи во пријатна и топла атмосфера.

Бискупот Стојанов со големо интересирање ги слушаше искуствата од неколкуте формации кои оваа група млади верници ги поминаа во текот на изминатата академска година во Сараево (БиХ). Во оваа пригода бискупот рече: „Црквата сме сите ние заедно, младите и останатите верници. Колку ќе биде успешна нашата работа зависи од сите нас. Сите вие сте од голема помош на свештениците, повиците се различни, но тие формираат едно семејство – Црквата. Ви благодарам за трудот и пред сѐ за издвоеното време посветено на доброто на црквата во Македонија.“

Потоа младите истакнаа дека ова за нив претставува ново искуство и дека сега се оспособени за работа со млади и им препорачаа и на идните генерации да ѝ пристапат на оваа формација со ентузијазам. Аниматорите истакнаа дека за нив овие средби се огромно богатство затоа што се запознале и се дружеле со млади верници кои споделуваат ист светоглед и имаат исти вредности, па така овие средби освен што се поттик за активно вклучување во црковниот живот, исто така придонеле за духовен раст и лично осознавање.

Парохот дон Давор Топиќ се обрати до аниматорите со овие зборови: „Делувањето на Светиот Дух можеме да го препознеме низ различни харизми, па така, вашата присутност како млади кои делуваат во нашата црква е дело на Светиот Дух. Семето кое го добивте низ овие формации сѐ повеќе ќе се развива, ќе расте и ќе дава плодови. Вие не сте обични аниматори, вие сте христијански аниматори – тоа е многу значајно да го запомните. Заедно со бискупот се радувам за овие моменти на заедништво.“

Бискупот Стојанов рече дека во блиска иднина се планира формирање на Совет за млади при Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат, а аниматорите ги повика активно да се вклучат и да помогнат околу организацијата на „Деновите на Света Мајка Тереза“, настан кој ќе се одржи по повод каноницацијата на блажена Мајка Тереза од 4 до 11 септември во Скопје. Средбата заврши со заедничка фотографија.

К.мк/Е.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот