Да не го злоупотребуваме Божјото милосрдие заради духовната мрзеливост

Да не го злоупотребуваме Божјото милосрдие заради духовната мрзеливост

Можноста за преобраќање не е неограничена, затоа потребно е веднаш да се искористи, инаку би можела засекогаш да биде загубена

Да не го злоупотребуваме Божјото милосрдие поради духовната мрзеливост – рече папата Фрањо во недела 24 март 2019 година пред молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар, осврнувајќи се на евангелието од третата недела од Великиот пост, во кое се зборува за неплодната смоква (Лука 13,1-9). Некој човек имаше во своето лозје посадено една смоква и со голема надеж секое лето одел да бара плодови, но не ги наоѓал, затоа што стеблото било неплодно. Поттикнат од тоа разочарување кое веќе три години се повторувало, размислувал да ја пресече таа смоква, како би засадил друга.

И така го повикал лозарот кој работел во лозјето и му го искажал своето незадоволство, наредувајќи му да го пресече стеблото, затоа што непотребно ја искористува почвата – рече Папата и истакна: Но лозарот го замоли господарот да биде трпелив и побара уште една година за да се погрижи повнимателно за смоквата, за да даде плод. Господарот го претставува Бог Отецот, лозарот е сликата за Исус, а смоквата е симбол на рамнодушното и неплодно човештво.

Исус се застапува кај Отецот во корист на човештвото и го моли да почека и да му даде уште малку време како во него би можеле да изникнат плодови на љубов и правда – рече Светиот Отец и објасни: Смоквата во параболата која господарот сака да ја искорени го претставува неплодниот живот, неспособноста да се дарува и да се прави добро. Таа е симбол на оној кој живее за себе, сит и мирен сместен во својата удобност, неспособен да го сврти погледот и срцето кон оние кои му се блиски и кои се наоѓаат во состојба на страдање, сиромаштво и неволја.

Таквото однесување на себичност и духовна неплодност се спротивставува на големата љубов на лозарот кон смоквата; има трпение, знае да чека, го посветува целото своe време и работа – рече Папата и продолжи: Му ветува на својот господар дека посебно ќе се погрижи за тоа несреќно стебло. Таа парабола за лозарот го искажува Божјото милосрдие кое ни дава време за да се преобратиме. Сите ние треба да се преобратиме и да напредуваме, а Божјата трпеливост и милосрдие ни помагаат во тоа. И покрај неплодноста која понекогаш го одбележува нашиот живот, Бог има трпение, и на патот кон доброто ни нуди можност за промена и напредување.

Меѓутоа, одложувањето кое беше измолено и одобрено, додека чекаме стеблото конечно да донесе плодови, исто така покажува на потреба од итно преобраќање – рече Папата и додаде: Лозарот му рече на господарот: „Господаре, остави ја и оваа година“ (Лука 13,8). Можноста за преобраќање не е неограничена, поради тоа е потребно веднаш да се искористи, инаку би можела засекогаш да биде изгубена. Во овој Велик пост можеме да размислуваме: Што мораме да направиме како повеќе би му се приближиле на Господ, како би се преобратиле и би се откажале од работите кои не се добри: Не можеме да кажеме: Ќе го чекаме следниот пост.

Прашање е дали следниот пост ќе бидеме живи – рече Светиот Отец и напомена: Денес секој од нас треба да размислува што треба да направи за тоа Божјо милосрдие кое го чека и кое секогаш простува. Не смееме да ја оправдуваме духовната мрзеливост, туку да ја зголемиме својата ангажираност и подготвено да одговориме со искрено срце на тоа тоа милосрдие. Во постот Господ нѐ повикува на преобраќање.

Секој од нас мора да се чувствува поттикнат од тој повик, поправајќи нешто во својот живот, во својот начин на размислување, делување и однос кон другите – рече Ппаата и додаде: Во исто време, мораме да ја имитираме Божјата трпеливост, која е со доверба и способност да овозможи сите луѓе повторно да станат и да продолжат да чекорат. Бог е Отец кој не го гаси слабиот пламен, туку го следи и се грижи за оној кој е слаб како би го зајакнал и на заедницата би го дал својот придонес на љубов. Блажена Дева Марија нека ни помогне овие денови на подготовка за Воскресението и да го живееме како време на духовна обнова и отворена доверба на милост и Божјо милосрдие – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот