Екуменска молитвена средба во Православната црква Свети Димитриј во Скопје
На 23 јануари 2014 година во рамките Светската молитвена осмина за единство на христијаните, во Православната црква „Свети великомаченик Димитриј“ во Скопје се одржа молитвен екуменски собир на христијаните од Католичка црква, Македонска православна црква и од Евангелско методистичката црква.
Собирот го отвори и благослови старешината на храмот отец Жикица Денковски од Македонската православна црква. Тој истакна дека соборноста на Христовата Црква е соборност во Бога и тоа треба да е главната карактеристика на екуменизмот. На тој начин се создава блага клима за Божји благослов и милост. Во Еден Бог не може да има повеќе вери или како што вели светиот апостол Павле имаме „еден Господ, една вера и едно крштение“ (Ефесјаните 4, 5).
Зошто тогаш Христовата Црква денес не е единствена – запраша о. Денковски?
Да заборавиме на минатото и разликите. Христос ги обедини оние кои поверуваа во Него. Нашите црковни општини треба повеќе да соработуваат во помагање на луѓето во неволја. Христос бара од нас да бидеме совршени и со љубов да соработуваме во остварувањето на Царството Небесно на земјата. За тоа да се молиме.
Монсињор Антун Циримотиќ од Католичката црква истакна дека екуменското движење постои повеќе од 100 години. Годишните средби и во Македонија станаа традиција која допринесува кон создавање клима на соработка.
Исус Христос со своето овоплотување и послание на земјата ја промени човечката природа и во Себе ги обедини сите луѓе, а особено христијаните кои со крштението во Него се облекоа. Затоа апостол Павле ќе каже „јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Галатјаните 2, 20). Со Светото Крштение добиваме обврска Христос да заживее во нас, но и во нашите блиски. Не е можно некој да се соедини со Христа, а да не се обедини и со мистичното Тело Христово – Црквата. Или како што вели Христос „јас сум лозата, а вие прачките“ (Иван 15, 5). Затоа, поединечното соединување со Христа е најважно и црковните заедници треба да го помогнат тоа.
Проповедникот Мирче Танчев од Евангелско методистичката црква истакна дека за да може љубовта да се умножува – најпрво треба да се поседува.
Средбата духовно ја збогатија црковните хорови и рециталот на децата. По средбата присутните го продолжија заедничарењето околу трпезата на љубовта.
Р. Карделев