Добрината е најголемиот пост

Се срамам ли од телото на својот брат, својата сестра? Тоа беше централното прашање во проповедта на Папата на светата Литургија на 7 март во капелата на домот Света Марта. Папата истакна дека животот со вера е тесно поврзан со делата на милосрдие кон сиромашните, без кое она што се исповеда ќе е чисто лицемерие.

Христијанството не е некое правило без душа, прирачник за формални обврски за народ кој зема лицемерно изглед на добар за да го сокрие немилосрдното срце. Христијанството е „тело“ на самиот Христос кое без срам се наведнува над трето лице. За да ја објасни таа контрадикторност, Папата го коментираше дијалогот, опишан во денешното Евангелие, помеѓу Исус и познавачите на законот, кои ги критикувале учениците затоа што не постат, за разлика од нив и фарисеите, кои напротив многу постат. Факт е дека толкувањето на законот го претворило почитувањето на заповедите во „формалност“, преобразувајќи го верскиот живот во етика, заборавајќи го нејзиниот корен, односно историјата на спасението, изборот и сојузот – објасни папата Фрањо.

Од Бог ја примаат љубовта на Отецот, од Него стекнуваат идентитет на народ и потоа го претвораат во етика, значи го одбиваат дарот на љубов. Тој лицемерен народ е составен од добри луѓе, прават сѐ она што треба да го прават. Изгледаат добри! Етичари, но без добрина, затоа што го изгубиле чувството за припадност на народот. Бог дава спасение внатре во народот, во припадноста на народот – истакна Светиот Отец.

А сепак, забележа Папата, уште пророк Исаија, како што слушнавме во првото читање, јасно опишува што е постот според Божјо гледање: „раскини ги оковите на неправдата, угнетените пушти ги на слобода, раздели го лебот свој со гладните и скитниците, сиромаси одведи ги во домот свој; ако видиш гол – облечи го. Тоа е пост по Божја волја! Постот се однесува на братски живот, не срами се – тоа го вели самиот Исаија – од телото на својот брат. Нашата совршеност, нашата светост оди со нашиот народ, во кој сме избрани и во кој сме вклучени – рече Папата.

Нашиот најголем чин на светост е токму во месото на братот и телото на Исус Христос. Чинот на денешната наша светост, овде на олтарот, не е лицемерен пост: туку не срами се од месото Христово кое денес доаѓа. Тоа е таинство на Телото и Крвта Христова. Тоа значи „оди“подели им на гладните леб, негувај ги болните и старите, оние кои не можат да ни дадат ништо за возврат: тоа значи не срами се од нивните тела! – објасни папата Фрањо.

Тоа значи дека добрината е најтежок пост. Тоа е постот на Добриот Самарјанин кој се наведнува над ранетиот човек, а не постот на свештеникот кој го гледа несреќникот, но продолжува по својот пат можеби од страв да не се зарази. А денес Црквата прашува: се срамам ли од телото на својот брат и својата сестра? Кога давам милостина ги фрлам ли парите за да не ја допрам раката на сиромавиот? А ако случајно ја допрам, се бришам ли веднаш? Ги гледам ли своите брќа или сестри во очи кога и давам милостина?

Ги посетувам ли болните? Дали умеам да ги поздравм нежно? Има еден знак кој можеби може да ни помогне, а тоа е прашањето: дали знам да ги помилувам болните, старите, децата или само сум го изгубил чувството на нежност? Лицемерите не знаеле да милуваат! Тоа го заборавиле… Не треба да се срамиме од телото на нашите браќа: тоа е наше тело. Ќе бидеме судени по тоа како постапуваме со својот брат и со својата сестра – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот