Децата се дар за семејството, Црквата и за општеството

Продолжувајќи со своите катехези за семејството, во среда 11 февруари папата Фрањо на Генералната аудиенција зборуваше за радоста на децата во семејниот живот и дека раѓањето на деца е одговорно, но да имаш многу деца не може автоматски да стане неодговорна одлука.

Драги браќа и сестри, добар ден!

По размислувањето за таткото и мајката, во ова катехеза за семејството сакам да зборувам за детето или подобро за децата. Ќе тргнам од една убава слика на Исаија. Пророкот пишува: „сите се собираат, идат при тебе; твоите синови ќе дојдат од далеку, и твоите ќерки на раце ќе се носат. Тогаш ќе видиш и ќе се зарадуваш, и срцето твое ќе затрепери и ќе се рашири“ (60, 4-5). Таа е прекрасна слика, слика на среќа која се остварува во повторната средба на родителите и децата кои заедно чекорат кон иднината во слобода и мир, по долгиот период на откажување и одвојување, кога еврејскиот народ се наоѓал далеку од татковината.

Всушност, постои тесна поврзаност помеѓу надежта на народот и согласноста меѓу генерациите. За тоа треба добро да размислиме. Постои тесна врска помеѓу надежта на народот и согласноста меѓу генерациите. Радоста на децата прави срцето на родителите посилно да зачука и повторно отвора иднина. Децата се радост на семејството и општеството. Не се проблем на репродуктивната биологија или еден од многуте начини на сопственото остварување. Уште помалку се посед на родителите… Не. Децата се дар, тие се дар: дали разбравте? Децата се дар. Секое од нив е единствено и неповторливо; и во исто време непогрешливо врзано за своите корени. Да бидеш син и ќерка според Божјиот план значи да носиш во себе спомен и надеж на една љубов која се остварила самата себе така што подарила живот на друго човечко битие, единствено и ново. И за родителите секое дете е различно од другото, поинакво, тоа е поинакво. Дозволете ми да изнесам еден семеен спомен. Се сеќавам на мојата мајка, знаеше за нас да каже – бевме пет: „Јас имам пет деца.“ На прашањето „Кое од нив најмногу го сакате?“ таа одговараше: „Имам пет деца како петте прсти. (ги покажува прстите на раката) Ако ме удрите по овој, боли; ако ме удрите по другиот, боли. Сите пет ме болат. Сите тие се мои деца, но сите се различни како прстите на рацете.“ Така е тоа во семејството!  Децата се различни, но сите се деца.

Детето се сака, бидејќи е дете, не затоа што е убаво; или затоа што е ова или она; не, бидејќи е дете! Не затоа што размислува исто како јас или ја отсликува мојата желба. Детето е дете: живот кој што ние сме го родиле, но кој има сопствен пат, одредено е за сопствено добро, добро на семејството, општеството, целото човештво. Од тоа произлегува длабочината на човечкото искуство да бидеш нечиј син или ќерка, кое ни овозможува да ја откриеме големината на најбесплатната љубов која никогаш не престанува да нè изненадува. Тоа е убавината што ние први сме љубени: децата се сакат пред да се родат. Колку пати на плоштад среќавам бремени жени кои ме замолуваат за благослов… тие деца се сакани пред да дојдат на светот. А тоа е бесплатноста, тоа е љубов: љубени се пред раѓањето како љубовта на Бог која секогаш прва љуби. Се сакаат пред да направат било што за да го заслужат тоа, пред да можат да зборуваат или размислуваат дури и пред доаѓањето на светот! Да бидеме деца е основен услов за запознавање на Божјата љубов која е крајниот извор на тоа вистинско чудо. Во срцето на секое дето колку и да е ранливо Бог втиснува печат на таа љубов кој е темел на неговото лично достоинство кое ништо и никој не може да го уништи.

Изгледа денес дека на децата им е тешко да ја замислат својата иднина. Татковците – како што спомнав во претходната катехеза – можеби се повлекле во друг план и децата станале несигурни да одат понатаму низ животот. Можеме да научиме добар однос меѓу генерациите од нашиот небесен Отец Кој на секој од нас му дава слобода, но никогаш нè не остава сами. И ако згрешиме Он и понатаму трпеливо нè следи, неговата љубов кон нас не се намалува. Небесниот Отец никогаш не се повлекува од својата љубов кон нас, никогаш не се откажува! Он секогаш оди напред, а ако не оди напред, тогаш нè чека, но никогаш не се повлекува; сака неговите деца да бидат храбри и да ги прават своите чекори напред.

Децата од своја страна не треба да се плашат од определување за изградба на нов свет: нивната желба светот да биде подобар од оној во кој се родиле е потполно правилна! Но, тоа треба да го прават без ароганција, без суета. Децата треба да ја препознаат нивната вредност, а на родителите секогаш треба да и оддадат почит. Четвртата заповед бара од децата – а тоа сме сите ние! – да ги почитуваат таткото и мајката (2 Мој 20,12) Тоа е заповедта која следува веднаш по оние кои се однесуваат на самиот Бог. Всушност во неа има нешто свето, нешто божествено, нешто што е во коренот на секој друг вид на почитување меѓу луѓето. Во библиската формулација на четвртата заповед се додава: „за да ти биде добро и да поживееш подолго на земјата, што ти ја дава Господ, твојот Бог.“ Доблесна врска меѓу генерациите е гаранцијата за иднината и таа е гаранцијата за човечката историја. Општество на деца кои не ги почитуваат своите родители е општество без чест; кога родителите не се почитуваат се губи сопствената чест! Тоа општество е осудено да биде полно со бесчувствителност и алчни млади. Меѓутоа и општество кое е сиромашно со деца кое не сака да се опкружи со деца кое ги смета пред сè за грижа, товар и опасност е депресивно општество. Да се сетиме на многу општества кои познаваме овде во Европа: тие се депресивни општества, бидејќи не сакаат деца, немаат деца, стапката на наталитетот е под еден. Зошто? Нека секој од нас за тоа размисли и одговори. Ако на семејство со многу деца се гледа како на товар, тука нешто не е во ред! Раѓањето на деца треба да биде одговорно како што тоа го учи енцикликата Humanae vitae на блажениот папа Павле VI, но да имаш многу деца не може автоматски да стане неодговорна одлука. Да немаш деца е себичен избор. Животот се подмладува и добива сила кога се множи: со тоа станува побогат, а не посиромашен! Децата учат како да ја преземат одговрноста за своите семејства, созреваат во делењето на своите жртви, растат во вреднувањето на сопствените дарови. Радосното искуство на братството раѓа почитување и грижа за родителите на кои им ја должиме својата благодарност. Многу од вас овде присутни имате деца и сите сме деца. Да направиме една работа, минута молчење. Нека секој од вас во своето срце мисли на своите деца – ако ги има; нека размислува во тишина. И сите да се сетиме во срцето на своите родители и да му заблагодариме на Бог за дарот на живот. Во тишина, оние кои имаат деца нека мислат на нив, а сите мислиме на нашите родители. (Кратка тишина) Нека Господ ги благослови нашите родители и нека ги благослови вашите деца.

Нека Исус, Вечниот Син Кој стана Дете во времето ни помогне да го пронајдеме патот на новото ширење на тоа толку едноставно, а толку големо човечко искуство – да бидеш дете. Во зголемувањето на генерациите се крие мистеријата на збогатување на животот за сите, кое доаѓа од самиот Бог. Мораме тоа повторно да го откриеме, пркосејќи на предрасудите; и живеејќи го тоа во вера, во совршена радост. И сакам да ви кажам: колку е убаво кога поминувам помеѓу вас и гледам татковци и мајки кои ги подигнуваат децата за благослов; тоа речиси е божествен гест. Ви благодарм што го правите тоа!

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот