Во многу текстови и објави за празникот Педесетница, односно Духовден, често може да се прочита дека тоа е „роденденот на Црквата“. Таквата формулација е популарна, лесна за паметење и често се користи во катехеза или во медиумски наслови. Сепак, според католичкото учење, таа не е сосема точна и може да создаде погрешна претстава за значењето на овој голем празник.
Педесетница навистина е еден од најважните настани во животот на Црквата. На тој ден Светиот Дух слегува врз апостолите, ги исполнува со сила и храброст и ги испраќа да го навестуваат Евангелието. Тогаш Црквата јавно се појавува пред светот и започнува нејзиното видливо мисионерско дејствување меѓу народите.
Но тоа не значи дека Црквата тогаш е родена.
Катехизмот на Католичката црква јасно учи дека Црквата е родена од Христовата жртва на крстот. Нејзиниот почеток е поврзан со целосното Христово предавање за спасението на човештвото, кое е навестено во востановувањето на Евхаристијата, а исполнето на крстот. Од прободената страна или ребро на распнатиот Христос потекуваат крв и вода, а токму во тој знак Црквата го препознава своето раѓање.
Затоа црковната традиција вели дека, како што Ева била создадена од реброто на заспаниот Адам, така и Црквата произлегла од прободеното ребро на Христос, Кој „заспал“ во смртта на крстот. Оваа слика го изразува таинството на Црквата: таа не е човечка организација што започнала со собир на ученици, многу повеќе треба да се гледа како плод на Христовата љубов, жртва и спасително дело.
Педесетница, пак, има друго, но исто така многу важно значење. На тој ден Црквата не се раѓа, таа се открива и се покажува пред светот. Светиот Дух, испратен од Отецот и Синот, ја оживува, ја посветува и ја испраќа Црквата во мисија. Апостолите, кои претходно беа исплашени и затворени, стануваат храбри сведоци на воскреснатиот Христос.
Токму затоа Катехизмот зборува дека на Педесетница Црквата била јавно објавена пред мноштвото и дека преку проповедањето започнало ширењето на Евангелието. Тоа е моментот кога она што веќе било родено од Христовата жртва станува видливо, јавно и мисионерско.
Затоа е поточно да се каже: Црквата е родена од Христовите прободени ребра на крстот, а на Педесетница е јавно објавена и испратена во светот со силата на Светиот Дух.
Оваа разлика ни помага подобро да ја разбереме природата на Црквата. Црквата не започнува од човечки ентузијазам, од организација или од говор на апостолите, зашто нејзиниот почеток е во Христовата жртва. Нејзиниот извор е Крстот, нејзината сила е Светиот Дух, а нејзината мисија е да го навестува спасението на сите народи.
Затоа, иако изразот „роденден на Црквата“ може да биде разбирлив како поедноставено објаснување, во точна богословска смисла тој не е прецизен. Педесетница не е роденденот на Црквата, но ако сакаме точно да го наведеме моментот или денот кога Црквата, родена од Христовата жртва, се покажува пред светот и започнува јавно да ја врши својата мисија, тогаш е Педесетница
Педесетница е празник на Светиот Дух, празник на силата одозгора, празник на мисијата и единството. Тоа е ден кога Црквата се јавува како заедница исполнета со Духот, повикана да го носи Христос до краиштата на земјата.
к.мк

