Да заборавиме на себе си и да гледаме во Распнатиот
Папата Фрањо на плоштадот Свети Петар служеше света Литургија за празникот Цветници. Во проповедта истакна дека треба да го следиме патот на Исус кој не нè откупил со свеченото влегување или со големите чуда, туку со тоа што се „испразни“ и „понизи“.
Да појдеме по патеката на служењето, дарувањето, заборавајќи на самите себе и да го задржиме овие денови погледот кон Распнатиот – Тој е „Божја катедрала“. Ве повикувам оваа недела често да ја гледате таа „Божја катедрала“ за да се научиме на понизна љубов – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на Цветници која ја служеше на плоштадот Свети Петар со десетици илјади верници.
Осврнувајќи се на Исусовото месијанско влегување во Ерусалим и восклиците на народот, Папата истакна: „Ништо не можело да го запре ентузијазмот заради Исусовото влегување; ништо нема да нè спречи во Него да го пронајдеме изворот на нашите радости“ затоа што „само Исус нè спасува од камшикот на гревот, смртта, стравот и тагата“. Меѓутоа напомена дека Исус не нè спаси со свеченото влегување или со големите чуда, туку со тоа што се „испразни“ и „понизи“.
Исус во својата мака ја искуси и рамнодушноста затоа што никој не сакал да ја преземе одговорноста за неговата судбина. Папата напомена дека е таква судбината и на многу маргинализирани луѓе и бегалци. Покрај тоа тој истакна дека ако тајната на злото е без дно тогаш е бесконечна реалноста на љубовта која ја поминала внесувајќи светлина во темнината, живот во смртта, љубов во омразата. Конечно ги поттикна верниците на размислување за Распнатиот, во тишина за да сфатат нешто од таинството на Исусовото поништување за нас во оваа Велика седмица.
На крајот на светата Литургија пред молитвата Ангел Господов папата Фрањо потсети дека денес се слави 31-от Светски ден на млади кој ќе го има својот врв на големата Светска средба во Краков која ќе се одржи во јули на тема „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани.“ Овогодинешната средба на млади ја довери под застапништво на свети Иван Павле II.
Покрај тоа ги поздрави присутните млади посебно волонтерите од Краков кој во татковината ќе ги понесат благословените маслинови гранки од Ерусалим, Асизи и Монтекасино како поттик за мир, помирување и братство. „Ви благодарам за таа убава иницијатива; одете напред со храброст!“ – порача Светиот Отец.
РВ/к.мк